Пет лица набодени од бикови се хоспитализирани по отворањето на овогодинешниот фестивал Сан Фермин во Памплона, соопштија тамошните власти. Еден Американец (46) бикот го набодел во вратот на крајот на трката во арената. Тој е опериран, соопшти регионалната влада.

Друг Американец (23) и еден Шпанец се набодени во бутовите. Други двајца млади Шпанци се здобиле со повреди на главата.

Локаниот Црвен крст соопшти дека уште 48 лица поминале со полесни повреди.

Трката која траеше 2 минути и 42 секунда, следеше по официјалното отворање на фестивалот, кога десетина илјади присутни на прославата се полеваат со вино и шампањ на преполниот плоштад.

Деветдневната свеченост во Памплона, каде луѓето се тркаат со шест бикови секое утро во 8 часот низ уличките на овој средновековен шпански град пред тие да бидат убиени во попладневните борби, привлекуваат околу милион посетители годишно.

Секоја година стотици „тркачи“ трчаат пред или покрај биковите, додека оние кои не сакаат да ризикуваат набљудуваат од балконите.

Некои доаѓаат угледувајќи се на славниот Ернест Хемингвеј, кој бил фасциниран од борбите и ги овековечи во својот роман од 1926 година „Сонцето повторно изгрева“.

Фестивалот вклучува и музички, танцови и традиционални претстави, верска поворка во чест на локалниот светец, разни натпревари и уште многу забава.

Оваа манифестација потекнува од 16 век, во чест на светецот и заштитник на Памплона, Сам Фермин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.