На денешната седница Владата донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со ковид-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.

Уредбата, како што соопшти владината прес-служба, определува кои услови и критериуми треба да бидат исполнети за стекнување на правото за користење на субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите.

Донесена е и Уредба со законска сила за начин на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба, со која на радиодифузерите, кои обезбедуваат радио емитување (радија), врз основа на издадено одобрение за користење на радиофреквенции во радиофреквенцискиот опсег 87.5-108 MHz, нема да им се наплати годишниот надоместок за 2020 година.

Радијата кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба го платиле годишниот надоместок за 2020 година, ќе се смета дека извршиле плаќање на годишен надоместок за 2021 година за користење на радиофреквенции, се вели во соопштението.

Уредбата ги уредува и начинот на издавање на привремено одобрение за проширување на постоечки радиофреквенциски линкови и привремено одобрение за дополнителни радиофреквенциски линкови; начинот на издавање на привремено одобрение за користење на слободен радиофреквенциски опсег до 30 MHZ заради обезбедување на широкопојасен пристап до услуги (broadband); начинот на издавање на привремено одобрение за користење на радиофреквенциските опсези: 1920-1935/2110-2125 MHz, 1945-1950/2135-2140 MHz или 1965-1980/2155-2170 MHz, како и начинот на доделување на броеви од Планот за нумерација наменети за обезбедување на услуги поврзани со пандемијата на Ковид-19 или услуги кои се директно предизвикани од истата, за време на траење на вонредната состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.