Во рамки на Литургијата на која ќе се изврши прогласувањето за светец на македонскиот прередобеник Кирил Пејчиновиќ верниците ќе имаат можност да се поклонат на моштите.

Канонизацијата ќе се одржи наредниот викенд 16 октомври во Соборниот храм ,,Св. Кирил и Методиј” во Тетово, со почеток во 8.30 часот, кога ќе се отслужи света Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на архијереите и свештенослужители од епархиите на МПЦ-ОА.

На Литургијата ден претходно на 15 октомври во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј Велики”, ќе биде отслужена Вечерна служба со почеток во 17 часот.

Ова е чин со историско значење, дело кое, со Божјата помош и по застапништвото на преподобниот, ќе донесе духовни плодови за нашиот народ и нашата Црква, а воедно претставува и несекојдневен дел од црковната традиција, кој е душеполезно да се посведочи со личното присуство. Тетово и Полошкиот регион, но и нашиот верен народ низ татковината и светот, добиваат уште еден молитвен покровител, принесувајќи му дар и на соборното Православие, а во слава на Бога. Нека е на многу години – велат од Тетовско-гостиварската православна епархија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.