Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун пролеа солза пред многубројната публика, правејќи ретко извинување за, како што рече, неуспехот да ја води земјата низ бурните времиња.

Аналитичарите веруваат дека емотивниот говор сугерира дека Ким чувствува притисоци врз неговото водство поврзани со Ковид-19 и нуклеарните санкции, пишува „Гардијан“.

Говорејќи на огромната воена парада одржана викендов по повод 75-годишнината од владејачката Работничка партија, Ким ги симна очилата и ги избриша солзите.

Нашите луѓе ја ставија својата доверба во мене, високо на небото и длабоко како морето, но јас не секогаш бев во можност да го исполнам на задоволителен начин“, рече Ким, според преводот на неговите говори во „Кореја Тајмс“. „Навистина ми е жал за тоа“, додава тој.

Цитирајќи го својот дедо и татко – претходните двајца севернокорејски лидери – Ким истакна дека иако му е доверена важната одговорност да ја води земјата следејќи го патот на големите другари Ким Ил Сунг и Ким Јонг Ил, благодарение на довербата на сите луѓе, „неговите напори и искреност не беа доволни да ги ослободи граѓаните од нивните животни тешкотии “.

Додека парадата во главниот град Пјонгјанг беше очекувано откривање на нова интерконтинентална балистичка ракета и друга воена опрема, Ким користеше значителен дел од својот говор за да сочувствува со севернокорејскиот народ, според „Гардијан“.

Обраќањето беше преполно со застрашувачки зборови како „сериозни предизвици“, „безброј искушенија“ и „невидени катастрофи“.

Северна Кореја забележа драматичен пад на трговијата со Кина – убедливо најголем економски партнер, поради затворање на границите како одговор на пандемијата, иако Пјонгјанг инсистира на тоа дека нема забележано случаи на заразени.

Британскиот весник забележува дека годините на меѓународни санкции како одговор на нуклеарната и ракетната програма на Ким, плус штетите предизвикани од природните катастрофи, се само дополнителни тешкотии за севернокорејскиот лидер.

И покрај присуството на војници, ракети, тенкови и други докази за растечката воена моќ на Северна Кореја, Ким ги поддржуваше луѓето ширум светот кои страдаат од Ковид-19 и изрази надеж за подобрување на врските со Јужна Кореја.

Сеул рече дека е загрижен што се чини дека на парадата е вклучена нова балистичка ракета со голем дострел, а Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја го повика Пјонгјанг да ги продолжи разговорите за денуклеаризација.

Во својот говор, Ким предупреди дека „целосно ќе ја мобилизира“ својата нуклеарна моќ доколку се закани Северна Кореја, но избегна директни критики кон Вашингтон.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.