Примероците прашина од црн песок собрани од јапонското вселенско летало „Хајабуса 2“ на астероидот 162173 Рјугу, што се наоѓа на околу 300 милиони километри од Земјата, ги надмина очекувањата на јапонските научници

Примероците од почвата собрани од астероидот се кулминација на шестгодишната вселенска одисеја од вселенското летало „Хајабуса 2“, која пристигна во Јапонија минатата недела. Сепак, до почетокот на оваа недела истражувачите сè уште не можеа со сигурност да потврдат дали има нешто во капсулата.

Јапонската вселенска агенција (ЈАКСА) објави и фотографија на мала количина црна прашина во метална кутија, што е доказ и прв увид во резултатите од шестгодишната вселенска мисија.

Нашата цел беше да собереме 100 милиграми или повеќе примероци од почвата од астероидот и дефинитивно успеавме во тоа – вели Хиротака Савада од ЈАКСА, додавајќи дека кога првпат ги видел примероците од прашина, тој едноставно останал занемен од возбудата.

Мислам дека на почетокот останав без зборови, а потоа почнав да врескам, не се ни сеќавам повеќе. Беше навистина поразлично отколку што се очекуваше, всушност количеството прашина беше доста големо – изјави Савада на официјалната прес-конференција.

Примероците од прашината се пронајдени во надворешната обвивка на капсулата, соопштија агенциите, а повеќето од нив треба да се испитаат веднаш штом ќе ја отворат внатрешноста на резервоарот, што претставува деликатна работа.

Научниците веруваат дека примероците може да содржат органска материја што може да придонесе за развој на животот на Земјата. Тие се надеваат дека овие примероци на прашината од астероиди ќе им дадат подобар увид во хемискиот состав на вселенските тела, како што било и пред околу 4,5 милијарди години, бидејќи се верува дека Рјугу е остаток од времето на формирањето на Сончевиот Систем.

Ние сме апсолутно воодушевени. Има многу што можеме да научиме од овие примероци – вели Сеи-ичиро Ватанабе, професор на Универзитетот Нагоја и шеф на истражувачкиот тим.

Половина од примероците од „Хајабуса 2“ ќе ги споделат со научниците од американската вселенска агенција НАСА и други меѓународни организации, а останатите ќе бидат чувани за идно истражувањ, со оглед на брзиот напредок на аналитичката технологија.

Научниците се горди што работата за сондата сè уште не е завршена затоа што ќе ја вратат назад на нова, подолга мисија насочена кон два нови астероиди.

Сондата исфрли примероци на почва од астероидот на Земјата и тоа без физички да слета на неа.

Вселенското летало „Хајабуса 2“ стана прво во историјата што на Земјата донесе примероци од далечниот астероид. Лансиран е во декември 2014 година, а во јуни 2018 година ја достигна целта, астероидот Рјугу, додека во септември истата година, почна и да го истражува.

За време на престојот во близина на овој астероид, сондата лансираше проектили кон него и активираше бомби за да крене прашина и да собере примероци.

Благодарение на овој начин на „минирање“, на астероидот беа собрани подземни примероци прашина и карпи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.