Како да се зголеми ангажманот на младите во земјоделството и што им е неопходно беа дел од прашањата на кои разговараа триесетина претставници на институции, здруженија и поединци на дебатата во резиденцијата на Европската Унија во Скопје

„Здрава, безбедна и достапна храна“ беше тема на последната дебата поттикната од Европскиот зелен договор, инспирирана од изложбата „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Како да се мотивираат младите да се занимаваат со земјоделство, како да се зголеми нивниот ангажман во земјоделството како клучен дел од агендата за развој, што им е неопходно, беа дел од прашањата на кои дебатираа триесетина претставници на институции, здруженија и поединци што се занимаваат со земјоделство, полјоделство, лозарство и овоштарство, пчеларство.

Домаќини беа евроамбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот, Маргарита Делева и Константинос Супилас од Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Своите ставови ги пренесоа Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Ванчо Кировски од Националната федерација на фармери, Сузана Димитриевска од Националната асоцијација на земјоделски задруги, и Виктор Ѓамовски, директор на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Пред дебатата присутните ја разгледаа изложбата инспирирана од проблемите со биодиверзитетот и климатските промени. Кураторот Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“ ги воведе во делата на уметниците Велимир Жерновски, Маја Кировска, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (кои работеа на заеднички проект), Ненад Тонкин и Озбек Ајваз.

Бускот беше особено среќен што многу млади луѓе, пчелари и земјоделци, присуствуваа и активно беа вклучени во дебатата. И самиот одгледува кошница со пчели во дворот на резиденцијата, а израснал на фарма во Белгија каде што неговите родители се занимаваат со органско производство на храна.

– Затоа оваа тема ми е многу блиска и важна. Свесен сум дека земјоделците не се луѓе на кои зборувањето им оди од рака, но ги охрабрувам учесниците да се вклучуваат активно во дискусијата. Кажете што ве мачи, со какви предизвици се соочувате. Сакам да ги чујам вашите предлози и идеи, сосема е неважно како ќе ги соопштите, ги охрабри Бускот учесниците.

На него се надоврза Супилас, програмски менаџер за земјоделство и рурален развој при Делегацијата на ЕУ, и ги повика присутните да аплицираат на актуелниот повик објавен на веб-страницата на Делегацијата на ЕУ, кој трае до 18 јули.

Мила Јовановска од невладината организација „Биди зелен“, модератор на дебатата, ги пренесе предвидувањата на Светската здравствена организација дека до 2050 година 7 од 10 луѓе ќе живеат во градовите. Тоа значи дека уште повеќе млади ќе ги напуштат руралните средини, што дополнително ќе го зголеми недостигот на храна со кој светот допрва ќе се соочи.

Ванчо Андонов е млад човек од Струмица, дипломиран програмер кој пред една и пол година го напуштил ИТ-секторот и целосно се посветил на дотогашното хоби – пчеларството.

Дотогаш работата ми беше врзана со компјутер. Се случуваше да завршам со работа, да направам мала пауза, па да продолжам уште неколку часа работејќи на друг проект. Пчеларството прво беше релаксација, да излезам во природа. Сега ми е главна дејност. Произведувам мед, матичен млеч и други производи. Пчеларството е многу подоходовна гранка од земјоделските производи зашто медот не се расипува. Тоа е огромна предност и за одржување на цената на производите, објаснува Андонов.

Зоран Богоев од Кочани вели дека од дете чувал животни. Пред 3-4 години се насочил кон одгледување пчели. Многу му помогнала обуката што ја завршил лани. Тој познава многу млади што почнуваат да се занимаваат со пчеларство, а дури половина од нив се жени, што порано било невообичаено.

Магдалена Јанчова е инспиративна млада жена од виничкото село Грљани. Нејзиното семејство произведува мед и други производи од пчели, продукти од козјо млеко, а се занимаваат и со хортикултура. Таа е магистер по фармација и се наоѓа на крстопат дали да продолжи со оваа професија или целосно да му се посвети на семејниот бизнис.

Ми се останува на село, да продолжам со она во што моето семејство го вложи сиот свој живот. Но, треба да сме свесни дека условите се различни во секое место. Некаде има, некаде нема инфраструктура. Има села со многу лоши услови за живот, без вода, со нестабилна струја. Новите машини не поддржуваат слаба струја и се неупотребливи. Овие нешта државата мора да ги среди, не зависат ниту од младите ниту од земјоделците, вели Јанчова.

Таа апелира институциите да им овозможат на младите подобри услови за да сакаат да останат на село. Нејзиното семејство ги обработува нивите на други луѓе. Бидејќи немаат земјиште на свое име, не можат да користат субвенции од државата.

Директорот Бачовски објасни дека со договор за закуп на земјиште може да се пријават за субвенции. Со новите измени во легислативата, предност во давањето земјиште под концесија ќе имаат локалните жители, а младите до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање надомест за користење државно земјиште во првите три години. Бачовски вели дека во последните три години за три пати се зголемени субвенциите за одгледување пчели.

Секоја година доделуваме грантови за млади земјоделци од 10 до 20 илјади евра. Ние сме мала држава, но 65 отсто од хранатa во светот ја произведуваат малите земјоделци. Многу е важно земјоделците да се насочуваат и кон преработка на своите производи, од млеко – сирење, од грозје – вино, бел, прочистен ориз наместо арпа – вели Бачовски.

Ванчо Кировски нагласи дека се многу важни заштитата и истакнувањето на географското потекло на производот што се продава. Така ќе се зголеми и свесноста кај потрошувачите за домашните производи и препознавањето на квалитетот. Според него, едукацијата за пчеларство дала исклучителни ефекти кај пчеларите и такви обуки треба да се спроведат и кај преостанатите земјоделци.

За Даниела Станкова, производителка на ориз од селото Крупиште, главен проблем е ниската цена на откупот, поради што веќе втора година оризот не ѝ е откупен. Арбен Асани, одгледувач на грозје од скопското село Бојане, вели дека младите ретко се решаваат на оваа дејност иако имаа добра инфраструктура околу главниот град. Тие или заминуваат во странство или не сакаат да работат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.