Онлајн продавницата за попуст „Групер“ нуди пешачка тура по патот на Атиџе Муратова, последната жена во Европа која одгледува диви пчели во карпест предел, во вредност од 2299 ден. по цена од 1899 ден.

Атиџе Муратова е ѕвездата од филмот „Медена земја“, кој оваа година имаше две номинации за „Оскар“, нешто што досега не му успеало на ниту еден македонски филм.

Турата вклучува 4 часа пешачење, посета на локална земјоделска куќа и посета на Атиџе.

Во дворот на нашата домаќинка ќе бидете послужени со турско кафе, подготвено на традиционален начин и тука започнува дружбата со Атиџе, при што ќе имате можност одблизу да се запознаете со неа и нејзиниот начин на живот, преку песна и убава мисла да ја осетите нејзината добронамерна животна цел. Откако ќе го испиете кафето, ќе имате можност да дознаете нешто повеќе за вашата иднина, преку гледањето и гатањето на филџанот од страна на нашата домаќинка. Веднаш потоа, ќе имаме мало изненадување од нашата хероина“, стои во понудата.

Учесниците исто така имаат и еден час превоз до/од село Кишино и еден час за слободни активности.

Минатата недела Атиџе, преку медиумите испрати апел за помош.

Полицијата не сака да ми помогне, ве молам помогнете ми некако, многу сум уплашена и вака веќе не можам да живеам. Вака низ солзи по телефон ни рече хероината на „Медена земја“, Атиџе Муратова, која со години има проблем со соседот, кој со семејството исто така се појавува во документарецот.

Јас сум во Бекирлија, заедно со брат ми, кој е болен, и само соседот е тука. Нема никој друг. Досега ми направил многу штета, но сега решив јавно да проговорам бидејки ми е страв од него. Колку е постар толку е по невозможно веќе да се комуницира со него. Сите викаат не е нормален ама не може тоа така. Ми го бутна ѕидот кај што ја чувам кравата, за да ми избега. Па ако избега кравата јас со кои пари после пак ке купам крава. Му реков зошто го правиш ова. А тј кога скокна накај мене да ми се дере, јас се уплашив многу. Еден ден ќе ме убие и никому ништо. Се јавив во полиција во Свети Николе и тие ми викаат дојди тука. Абе како да дојдам, тие ме прашуваат ли мене дали имам пари да отидам од Бекирлија до таму. И уште знаеш што ми рече полицајката: Вие сте Турци, како брат и сестра,ќе се смирите. Ако така ми вика како јас да објаснам дека ми е страв од него, дека не е прв пат. Сум го пријавувала досега многу пати но, полицијата ќе дојде, ќе го опомене и толку. Не се живее веќе вака во страв. Апелирам да ми се помогне, бидејќи не се живее веќе вака. Луѓе ми викаат остави го не е со сите. Епа ајде и јас да извадам документ дека не сум со сите и да ги малтретирам лугето. Од ден на ден се полош и полош, раскажува Атиџе низ солзи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.