Поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски со статус на фејсбук се прости од Љубисав Иванов – Ѕинго кој почина во 84-та година од животот. Ѕинго беше политичар, претседател на Социјалистичката партија, прв претседател на Фудбалската федерација на Македонија, бизнизмен.

Го запознав пред околу 20 години и наспроти многу предрасуди претходно, за кратко време видов дека станува збор за голем патриот кој многу ја сака Македонија и исклучително искусен во политиката, бизнисот но и во животот воопшто, вели Груевски за Ѕинго.

Според Груевски, Љубисав Иванов Ѕинго не беше само успешен политичар, стопанственик или поранешен претседател на ФФМ.

Тој беше пред се добар човек, стабилна личност, искрен пријател, мудра и рационална личност, човек кој беше познат дека цврсто држи до дадениот збор, посветен на семејството и на пријателите.
Многу луѓе знаат да изградат пријателства. Но не многу знаат не само да ги задржат туку да ги направат вечни, преку почит, со грижа, со коректност, со искрен пристап, со подршка кога треба, со држење до дадениот збор и договор и секако со неговата лична харизма и префинето чувство за хумор, како и огромно и несекојдневно искуство. Не говорам само низ мојот пример. Брзо забележав дека е опкружен со многу голем број долгогодишни верни пријатели кои никогаш не ги напуштил, не гледајќи дали му требаат или не, односно дали има корист од нив или не или пак колку се моќни. Тоа го правеше посебен. Како што го правеше посебен неверојатната желба да ги подобри условите за живот во градот Кратово од кој секое утро патуваше во Скопје и без исклучок секоја вечер се враќаше независно што некогаш околностите бараа да преноќи во Скопје заради обврските рано изутрина. Неслучајно со децении имаше неверојатна подршка, почит и лојалност од огромното мнозинство граѓани на Кратово. Независно на различната идеолошка матрица на неговата партија со партијата која јас ја предводев не беше воопшто тешко, напротив беше задоволство и предизвик да се соработува и да се изгради доверба со таков човек, кој толку многу ја сакаше Македонија, ја познаваше и беше горд со нејзината историја и кој со неговотно животно, политичко и менаџерско искуство во стопанството секој разговор го правеше продуктивен и незаборавен.
Како долгогодишен пратеник од првиот македонски парламент, претходно и македонски функционер на сојузно ниво во поранешната југословенска федерација, претседател на социјалистичката партија, прв претседател на ФФМ и успешен стопанственик тој останува дел од македонската историја.
Нека почива во мир, вели Груевски.

Љубисав Иванов Ѕинго не беше само успешен политичар, стопанственик или поранешен претседател на ФФМ.
Тој беше пред се…

Posted by Nikola Gruevski on Tuesday, 17 November 2020

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.