На денот која е прогласена за светица Мајка Тереза и ден пред годишнината од нејзината земска смрт поранешниот македонски премиер Никола Груевски посвети статус токму на Гонџа Бојаџиу. Тој потсети на она што поранешната влада предводена од него започна како проект за зачувување на ликот и делото на големата хуманитарка, но, кое како што вели, поради отпорот кој го има актуелната власт против се што започнале претходниците е целосно занемарено.

Тој вели:

Приватно или службено низ животот имам патувано во многу држави низ светот на сите населени континенти и имам сретнато многу луѓе, од обични луѓе на улица или во кафетерија до врвот на државните и општествените елити.
Постојат само две личности кои може да се поврзат со Македонија а кои ги знаат низ целиот свет или речиси целиот свет. Само две личности чие име веднаш сите ги потсеќа и ги асоцира на Македонија.

И обратно, кога ќе се спомне името Македонија првата асоцијација за нив се тие две личности или барем едната од нив, особено надвор од регионот на југоисточна Европа. Тоа се Александар Македонски и Мајка Тереза.
Ова не ја намалува вредноста и значењето за нас, за нашата историја, идентитет, јазик, духовност, култура, нација, држава итн на многу други многу значајни ликови од македонската историја и духовен свет, како Гоце Делчев, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Наум, разни цареви, владетели, светци, спортисти, политичари, научници, писатели, итн, но најчесто имињата на овие славни и заслужни личности имаат некаква препознатливост или само на национално, или на регионално ниво или најмногу некакво значење низ континентот Европа или дел од неа.

Мајка Тереза и Александар Македонски имаат планетарна препознатливост и би рекол слава.
За Александар Македонски познат е на сите овој факт, но многумина во Македонија не знаат дека Гонџа Бојаџиу – подоцна во црквата и мисионерската работа позната како Мајка Тереза има на таков степен препознатливост, слава, почит и восхит низ целиот свет.

За така мала држава како Македонија, два вакви лика и не се малку. Има многу поголеми земји од Македонија кои немаат ниту еден толку многу препознатлив и славен лик на светско ново и на многу долг рок, вечно.
За Мајка Тереза (26 август 1910- 5 септември 1997) ми говореа и искажуваа инспирација од нејзиниот живот и дело многу сенатори и конгресмени во САД, а дел од нив нејзината слика ја имаа на нивното биро или некаде закачена на ѕидот во канцеларијата.

Нејзината слика ми ја извади од внатрешниот џеб на своето сако гувернерот на Хонг Конг, неа ја спомнаа претседателот на Парламентот на Аргентина во Буенос Аирес, ја спомна и министерот за надворешни работи на Бразил во Бразилија, два премиери на Индија со кои се сретнав меѓу кои и актуелниот, бројни државници низ Европа, на патувањата во Мароко, Русија, Австралија, Јапонија, Кина, Сингапур, Велика Британија, многу крупни инвеститори, сопстевници и претседатели на компании од целиот свет, но и министерот за енергетика на Катар на пример кој во првите 6-7 минути од средбата со восхит зборуваше за неа и нејзиниот живот и дело, па со обзир дека е припадник на различна религија мошне ме изненади.

Почитта кон неа во светот е толку голема што кога држевме презентација пред поголем број инвеститори во далечни земји, знаев во почетокот на воведниот говор преставувајки ја Македонија да спомнам дека Македонија и главниот град Скопје е земјата и градот каде е родена, израсната и образована Мајка Тереза пред да го започне своето мисионерство. Секогаш имаше многу позитивна реакција.
Кога слетав во Калкута на средба со еден крупен инвеститор, низ улиците на Калкута забележав билборди со ликот на Мајка Тереза, во рамките на некоја медиумска кампања во тоа време. Во Индија, земја во која живеат околу 1,2 милијарди луѓе или околу 17% од светското население непостои човек кој не го знае името, ликот и заслугите на Мајка Тереза, од деца па до највозрасни.

Нејзината приказна е едноставна и истовремено многу голема. Израснала во христијанско католичко и етнички албанско семејство во Скопје, се школувала најпрвин во католичко а потоа во државно училиште. Гонџа потекнува од добростоечко семејство и во него владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. На работ на полнолетството заминала преку Хрватска во Ирска, а од таму во Индија во Калкута каде се приклучува кон редот „Лоретски сестри“ во Бенгал. Во Калкута ја дава својата прва заклетва и целиот нејзин живот го посветува да им помогне на најсиромашните меѓу сиромашните и најчесто комбинација од тешко, најчесто и неизлечиво болни од смртоносната заразна болест лепроза и екстремно сиромашни луѓе, луѓе кои ги отфрлиле општеството, семејствата и заедница. Исто така посветена е и на сиропиталиштето во Калкута грижејќи се за децата без родители, две места кои имав можност да ги посетам и каде денес е и нејзиниот гроб.

Кратко кажано, според она што е познато, по јавувањето на провидение и барањето на Бог да се посвети на оваа мисија, таа наместо како и секоја друга жена да формира семејство, да има свои деца, сопруг и удобен живот, сето тоа го жртвува за да им помогне на други непознати луѓе во тешка ситуација, и тоа не на било кого, туку на најнемоќните, најболните и најсиромашните.

Покрај ова таа инспирирала и привлекува многу други сестри и браќа нејзини следбеници, така што нејзината активност станува едно движење насекаде низ светот, со многу мисионери кои во многу земји го прават истото што го почнала таа. Во 1950 год. го основала редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“, а во 1951 добива индиско државјанство. Членовите на овој ред морале да се обврзат на несклучување брак, на сиромаштија и послушност. Подоцна овој ред бил признат од страна на папата и потпаѓа под негова контрола. Мајка Тереза со редот посебно се грижи за лица што биле пред смрт, сирачиња и болни. Нивниот посебен ангажман, сепак, бил грижата за болните од лепроза. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 5000 сестри и преку 500 браќа во повеќе од 100 земји од светот.
Таа не е само добитничката на Нобелова награда за мир и светица во катиличката христијанска црква.
Во текот на својот живот, Мајка Тереза, за својата хуманитарна работа, има добиено повеќе од 700 награди и се смета за најнаградуваната личност на XX век. Меѓу другите во 1962 година добитник е на наградата Награда Падма Шри од претседателот на Индија, а истата година и Награда Мегсејсеј во Филипини. Во 1971 година Папата Павле VI ѝ ја доделува наградата за мир „Папата Јован XXIII” а истата година ја добива и Награда Џон Ф. Кенеди. Следната 1972 година ја добива Награда Џавахарлал Нехру а година подоцна во 1973 година и Темплетон награда за извонредни заслуги во хуманитарната работа. Во 1977 година се стекнува со Титула Доктор Хонорис Кауза по Теологија на Универзитетот Кембриџ, а во 1978 година Балцанова награда за хуманост и мир меѓу луѓето. По добивањето на Нобелова награда за мир во 1979 година, во 1980 година добива Награда Барат Ратна (Скапоцен камен) – највисоко државно признание на Индија, а истата година во 1980 година станала и почесен граѓанин на Скопје. Во 1983 година добива Орден за заслуги од кралицата Елизабета II, а во 1985 година Претседателски медал за слобода доделен од претседателот на САД Роналд Реган. Во 1996 година Прогласена е за почесен државјанин на САД а во 1997 година добила Конгресен златен медал на САД.

Има многу луѓе кои добиле нобелови награди и разни други признанија, но ретко кој е толку познат, почитиван и инспирација на милиони луѓе како Мајка Тереза.

Конечно во 2016 година на 4 септември откако претходно во 2015 година папата во Ватикан го призна второто чудо на Мајка Тереза со лечењето на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот ја прогласи за светица во католичката црква, настан на кој и јас со задоволство присуствував во Македонската делегација покрај која имаше државни делегации на уште 15 други држави и стотици илјади присутни на плоштадот Св. Петар во Ватикан.
Низ годините забележав дека токму во Македонија таа е помалку позната и призната отколку низ светот.
Од тие причини се направија многу нешта кои го афирмираа нејзиното име и дело.

Од пригодни манифестации на различни јубилеи поврзани со неа, па до изградба на спомен куќа на Мајка Тереза во центарот на Скопје на улицата Македонија која функционира како музеј кој е многу посетен од странските туристи, па до именување на обиколницата околу Скопје по нејзиното име, автопатот од Скопје до Охрид, Клиничкиот центар Мајка Тереза, булеварот Водњанска го доби нејзиното име а доби и име на плоштад, оној меѓу македонската опера и балет, филхрамонијата, Министерството за надворешни работи, народната банка и музичката академија.

Се снимаше и документарна серија за неа, излегоа многу книги за неа, се отвори нов универзитет во Скопје а по моја иницијатива и прифатено од сите во владата го носи нејзиното име универзитетот Мајка Тереза, а во план беше и финасирање на снимање на игран филм.

Скопје имаше еден помал споменик од Мајка Тереза дониран од бизнисменот Трифун Костовски и изработен од академик Томе Серафимовски. Но тој некако стана составен дел на спомен куќата на Мајка Тереза и се ценеше дека ваква личност заслужува да има повпечатливо спомен обележје на централниот градски плоштад во Скопје кое би било и поголема туристичка атракција.

Додека се размислуваше за тоа, се случи средбата со во тоа време вториот најголем вработувач во Индија после индиските железници, бизнисменот Субрата Рои, личен познаник на Мајка Тереза и донатор на нејзините хуманитарни активности.

На средбата со него во Њу Делхи а потоа и на презентацијата пред стотици индиски бизнисмени и министри во Бомбај (Мумбај), кој тој ја организираше за да ни помогне во напорите да дојдеме до најважните индиски бизнисмени, тој изрази силна желба токму неговата компанија да донира споменик на Мајка Тереза на плоштадот Македонија во Скопје.

Па така неговата компанија направи конкурс и проект за истото но дизајнот беше во духот на индиската култура и не беше широко прифатен од граѓаните во Македонија.

По некое време Субрата Рој западна во тешкотии и проблеми и таа донација не се реализираше, па се објави домашен конкурс на кој се одбра предлогот на склупторот Валентина Каранфиловска, чие дело беше предвидено да биде мала фонтана и споменична композиција со околу вкупно 16 фигури, па покрај централната фигура на Мајка Тереза преставена како помага на сиромашно семејство со дете, имаше уште 6 сестри од нејзината група преставени како секоја од нив помага на некој тешко болен, сиромашен или друг човек во тешка состојба. Ситуации кои биле секојдневие на Мајка Тереза и сестрите со неа.

Фигурите изработени во мермер се завршија во целост и се чекаше да се заврши фонтаната за да заврши целиот проект.

Смената на власта донесе едно прилично незрело негирање на се што започнала или создала претходната власт кое за жал трае до денес.

Споменичната композиција која требаше да чини четири милиони евра, пола беше платена а уште толку требаше да се доплатат, што споредено со тоа за што се троши пари денешната власт, и гледано од аспект на буџет на една држава не преставува преголем товар, особено што ќе беше поделен во 2-3 буџетски години.

Но всушност парите не се вистинскиот проблем туку отпорот кон се што започнал Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. И не само тоа, власта отиде до таа мера далеку што за малку ќе го реализираше предлогот на контраверзниот партиски функционер и архитект Мирослав Грчев, доколку во 2018 година тоа не го спречеше Папата Францис со писмо до претседателот С.Пендаровски во кое побара да не се руши недовршената споменична композиција на Мајка Тереза.
Споменикот со сигурност ќе беше, и верувам дека еден ден ќе биде нов симбол на Скопје и магнет за привлекување илјадници нови туристи, така што парите што ќе се потрошат за споменикот многукратно ќе се вратат преку туризмот, хотелите, ресторантите итн.

Уште поважно е што секојдневно тој споменик ќе ги потсеќаше граѓаните на Македонија и туристите на правење добри дела, помагање, простување, мир, љубов кон Бог и кон секој човек независно на неговиот статус.
Гледано и од внатрешно политички аспект Мајка Тереза е општо прифатена и кај Македонците и кај Албанците и е лик кој обединува а не дели, иско оддамна таа не и припаѓа само на Македонија туку на целиот свет.
Денес е 4. септември ден кога е прогласена за светица Мајка Тереза а утре е 5. септември денот на нејзината земска смрт.

Да се потсетиме на нејзините пораки кои секако на луѓето влијаат да бидат подобри луѓе, кои на моја иницијатива напишани на англиски и македонски се поставени и ги има на повеќе локации низ Скопје:
– Ако не можеш да нараниш стотина луѓе, нарани само еден човек.
– Оние кои ги осудуваат луѓето, немаат време да ги сакаат.
– Некои луѓе влегуваат во твојот живот како благослов, а некои како лекција.
– Не сме сите создадени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.
– Осаменоста и чувството дека не си сакан е најголема сиромаштија.
– Не е важно колку работиш, туку е важно колку љубов внесуваш во тоа што го работиш.
– За да го вратиме мирот не ни треба оружје и бомби. Ни треба љубов и сочувство.
– Мирот започнува со насмевка.
– Дочекувајте се едни со други со насмевка, зашто насмевката е почеток на љубовта.
– Пронајдов парадокс. Ако некого сакаш до болка, тоа значи дека болката веќе ќе ја нема, туку само многу љубов.
– Мирот не постои. Тоа е затоа што заборавивме дека припаѓаме едни на други.
– Што може да направиш за да го промовираш мирот во светот? Оди дома и сакај го своето семејство.
– Најди време за игра, тоа е тајната на вечната младост.
– Секој кој ќе ти се приближи, нека си замине од тебе подобар и посреќен.
– Повеќе има глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб.
-„Има работи кои ти можеш да ги направиш а јас не, но има работи кои јас можам да ги направам а ти не; затоа ајде да направиме нешто убаво заедно.“
-„Не дозволувајте никој да замине од вас без да се чувствува подобро и посреќно. Бидете жив израз на Божјата добрина: добрина на лицето, добрина во очите, добрина во насмевката.“
-„Ако сте обесхрабрени, тоа е знак на гордост бидејќи покажува дека верувате во сопствените моќи.“
-„Знам дека Бог нема да да ми даде нешто што не можам да го поднесам. Понекогаш посакувам да не веруваше толку многу во мене.“
-„Ајде секогаш да се пречекуваме еден со друг со насмевка, бидејќи насмевката е почеток на љубов.“
-„Не можете сите да правиме големи работи. Но сите можеме да правиме мали работи со многу љубов.“
-„Лесно е да ги сакаш луѓето кои се далеку. Не е секогаш лесно да ги сакаш оние кои се блиску до тебе. Полесно е да дадеш некому чаша ориз и да го ослободиш од гладот отколку да ја ослободиш осаменоста и болката на некој сакан во твојот дом. Внеси љубов во домот бидејќи тоа е местото каде љубовта еден за друг мора да почне.“
-„Љубезните зборови може да бидат кратки и лесни за кажување, но нивното ехо е она што е бескрајно.“
-„Дури и ако сте на вистинскиот пат, некој ќе ве престигне ако само седите.“
-„Насмевнете се еден на друг. Насмевни ѝ се на твојата сопруга, насмевни му се на твојот сопруг, насмевнете им се на вашите деца, едноставно насмејте се еден на друг – не е важно кому – тоа ќе ни помогне да израснеме во поголема љубов еден кон друг.“
-„Може да се премориш од работа, може дури и да се не можеш да мрднеш повеќе, но ако твојата работа не е испреплетена со љубов, тогаш таа е сосема бескорисна. Да се работи без љубов е еднакво на ропство.“
-„Љубовта е овошје за кое не постои годишно време и овошје кое е на дофат на секоја рака.“
-„Еднаш ме прашаа зошто не учествувам во антивоени демонстрации. Реков дека никогаш нема да го направам тоа, но штом ќе организирате митинг за мирот, веднаш ќе дојдам.“
-„Најужасната сиромаштија е осаменоста и чувството дека никој не нè сака.“
-„Ако вистински сакаме да љубиме мораме да научиме да простиме.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.