Групата европски манекенки кои беа приведени во Дубаи поради тоа што голи позираа на тераса од облакодер во Дубаи, нема да добијат затворски казни. Таков е расплетот на експресниот судски процес против најмалку 15 девојки, најголем број од Украина, Русија, Молдавија и Белорусија, кои позирале голи во рамки на проект под раководство на фотографот Алексеј Контсов.

Во групата манекенки имало повеќе од 20 жени, а тоа го докажуваат и експлицитните фотографии од снимањето, кои се раширија на социјалните мрежи, како на Емиратите, така и ширум светот, а посебно во Европа од каде повеќето девојки и потекнуваат. Девојките беа обвинети за јавен разврат и ширење порнографија.

Во Емиратите, каде што правниот систем е заснован на Шеријатскиот закон, странците завршуваат во затвор и поради поблаги кривични дела. Сепак, по необично брзата истрага, главниот обвинител во Дубаи, Есам Иса ал Хумаидан, најави дека оние кои стојат зад фотографиите ќе бидат депортирани во своите матични земји, без понатамошно објаснување.

Полицијата одбила официјално да ги идентификува приведените, но некои од нив биле именувани од руските медиуми.

Групната фотографија наречена „Мало семејство“ ги открила идентитетите на некои од девојките. На неа има две Украинки, Јана и Дијана, и уште три нивни сонароднички манекенки: Дарија Корунженко, Екатерина Кашенко и Софија Ткачук. Сите од нив ги објавиле фотографиите на социјалните мрежи.

Брзата депортација е ретка за правниот систем во Дубаи, случаите како овој во главно завршуваат на суд, или се решаваат на друг начин пред депортација.

Дубаи е многу често одредиште за светските инстаграм-инфлуенсерки и модели кои на своите профили објавуваат провокативни фотографии од луксузни хотели во Персискиот залив. Сепак, оваа популарна туристичка дестинација често е предмет на контроверзи со оглед на тоа дека однесувањето на повеќето туристи е во контраст со строгите правила на исламот.

Скандалот со групата разголена фотографија се случува само неколку дена пред Рамазан – светиот месец во муслиманскиот свет и во момент кога украинскиот претседател пристигна во посета на Катар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.