Брачна двојка од северната индиска сојузна држава Утараканд го тужат својот син единец и неговата сопруга затоа што не им родиле внуче по шест години брак.

Санџеев и Садана Прасад велат дека ги потрошиле своите заштеди за својот син, плаќајќи му ја обуката за пилот (којашто чини над 60.000 евра), како и за раскошната венчавка…Сега тие бараат отшета за „психичко тормозење“, во вредност од околу 625.000 евра доколку не се роди внуче во рок од една година.

Мојот син е шест години в брак, но тие сѐ уште не планираат бебе… Барем да имавме внуче со кое ќе минуваме време – нашата болка така ќе стане поднослива, изјави г-н Прасад.

Синот и неговата сопруга засега сѐ уште немаат коментар за сѐ ова.

Шри Сагар (35) се вратил во Индија во 2007 година, останал без работа и неговото семејство морало финансиски да го издржува повеќе од две години, пишува „Тајмс оф Индија“. На крајот се вработил како пилот, а неговите родители велат дека го договориле неговиот брак со Шубханги Синха, во 2016 година, со надеж дека ќе имаат „внуче со кое ќе си играат“ уживајќи во пензијата.

Родителите велат и дека свадбата во хотел со пет ѕвезди, со луксузен автомобил од 80.000 долари, како и медениот месец во странство – биле на нивна сметка.

Адвокатот на родителите изјави дека парот ги побарал парите „поради психичка суровост“.

Сон на секој родител е да стане баба или дедо. Тие со години чекаа да станат баба и дедо!, истакна правниот застапник.

Претставката поднесена во градот Харидвар, се очекува да биде разгледана од судот на 17 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.