Главниот град на Туркменистан, Ашкабад, е најскапиот град во светот за странски работници, покажуваат резултатите од годинешното истражување на трошоците за живот спроведено од американската компанија за управување со имот „Мерсер“.

Годишниот извештај на „Мерсер“ рангира 209 градови во светот врз основа на споредба на трошоците за живот, што вклучува трошоци за домување, превоз, храна и забава, користејќи го Њујорк како компаративна основа.

Ашкабад, кој беше втор на минатогодишната листа, се рангира во групата 10 најскапи градови за странски работници, во која има главно светски деловни и финансиски центри како Хонгконг, кој беше најскап лани и втор оваа година, потоа Токио (четврти), Цирих (петти) и Сингапур (седми).

Според извештајот на „Мерсер“, сегашната финансиска криза во Туркменистан, која резултира со недостиг на храна и хиперинфлација, довела до скок на трошоците за живот во Ашкабад во последните неколку години.

Како најголемо изненадување во однос на минатогодишното истражување, „Мерсер“ го посочува Бејрут, кој скокна од позицијата 45. најскап град за гастарбајтери во 2020 година, на третото место оваа година.

Европските градови, исто така, се рангирани релативно како поскапи од американските градови оваа година. Голема причина за тоа е што еврото се зголеми речиси 11 проценти во однос на доларот, што резултираше дури и Њујорк да не се најде меѓу првите 10, додека Париз се искачи од минатогодишното 50. на 33. место.

Што се однесува до најевтините градови за работници од странство, на „долниот“ дел на рангирањето на „Мерсер“ се наоѓаат Тбилиси, главниот град на Грузија (207. место), Лусака, Замбија (208) и главниот град на Киргистан, Бишкек (209).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.