Група жени од Германија одлучија да достават сметки до германската Влада, за, како што навеле, дополнителна работа, што биле принудени да ја работат во своите домови за време на карантинот.

Како што објави Еуроњуз, станува збор за вработени жени со своја професија, а кои освен што работеле од дома, морале дополнително да се грижат за децата, да им помагаат во учењето и пишувањето домашни задачи, да готват, перат, пеглаат и, како што наведуваат, по потреба да бидат психолог за сопругот или децата.

Идејата потекнува од архитектката Карин Хартман, од германската држава Саксонија, мајка на три деца, која покани жени со исто или слично искуство. Хартман и другите мајки, членови на оваа група веруваат дека работата што ја правеле дома за време на карантинскиот период била „дополнителна и неплатена работа“ што одзела многу од нивното време за професионална работа.

Патриција Камарата, позната блогерка, посочува дека кампањата има за цел да ја потенцира важноста на невидливата и секојдневна работа на оние кои се грижат за другите и своите семејства.

На нејзината „фактура“, Патриција напиша: „обука и помош на децата, од 17 март до 15 мај, вкупно 22.226 евра за вложено време, вклучувајќи ги и трошоците за материјали, електрична енергија, вода и греење.

Фактура издаде и Андреа Раиф, блогерка и вработена мајка на три деца од Минхен, која проценува дека државата и должи 12.423 евра за шест недели дополнителна работа.

Ја сум мајка. Јас сум економска сила во оваа земја и сакам да ме третираат како таква во оваа држава, напиша Раиф на својот блог.

Надоместокот што го бараат мајките се уште не им е исплатен но, сепак, тие отворија широка дебата на национално ниво.

За успехот на групата придонесува и фактот што на групата и на јавната дебата се приклучија познати личности од културата, деловни жени, уметнички и писателки.

Сепак, не сите ја прифатија оваа идеја, па многумина ја критикуваа групата жени кои бараа да бидат платени за дополнителна и непризнаена работа, што ја извршиле покрај својата професионална обврска.

Најмногу критика добија од некои германски здруженија и организации на патријархална ориентација, конзервативни политичари и некои интелектуалци кои велат дека „работењето во домаќинството и семејството“ е природна обврска на жената.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.