За среќа, не е точно дека луѓето во Македонија не се свесни за еколошките проблеми во државата и на планетата. Има голем број луѓе кај нас и иницијативи, кои секој ден стануваат сê побројни и посилни, кои сакаат да го поправат она што било згрешено во минатото и кои сакаат да го променат пристапот кон нашата околина, вели Гордана Манасијевска од компанијата „Менд енд маунтен“ која викендов ја организира еколошката акција „Генералка викенд“.

Стотици граѓани меѓу кои претставници на Граѓански здруженија, училишта, вработени во општинската администрација, волонтери на Црвен крст, ЈКП ,,Дервен“ и граѓани денеска се вклучија во акцијата ,,Генералка викенд“. Еко акцијата се реализираше во рамки на големата еколошка акција ,,Генералка викенд“ во организација на компанијата ,,Мен енд маунтен“, а со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и „Пакомак“. Делегацијата на ЕУ годинава се вклучи во ,,Генералка викенд“ со нивната иницијатива „За чисто како дома исто“.

Од нашето искуство многу голем број луѓе кај нас и насекаде на планетата, го сфатиле и разбрале фактот дека ако не делуваме сега и веднаш, активно, ќе ги уништиме животите на нашите деца. Но, да нема недоразбирање, има толку многу што мора да сториме и мора да делуваме веднаш ако сакаме да имаме и најмала шанса за нас и за генерациите кои доаѓаат за живот во здрава околина, со здрава храна што расте во здрава земја, со чиста вода и воздух што ќе ги пиеме и вдишуваме секој ден наместо хемиски и генетски модифицирана околина. Уште од завршувањето на Втората светска војна „European Green Deal“ е најголемата иницијатива меѓу луѓето на овој континент за подобра иднина. Ова е најголемата и можеби единствена шанса што ја имаме во оваа генерација, во овој животен век да изградиме наследство според кое ќе бидеме вреднувани од идните генерации, вели Манасијевска.

„Генералка викенд“ почна во петокот, на 7 мај и ќе трае до недела, 9 мај.

Идејата е да ги мотивираме сите да излезат надвор со нивните семејства и сите оние кои живеат во ист дом и да прошетаат во прекрасните топли пролетни денови во нивната околина. Ако сите имаат вреќи што ние ќе ги обезбедиме заедно со Пакомак и општините што се дел од акцијата и ако го стават секое парче отпад што ќе го видат во нив и ги однесат вреќите до нашите волонтери, тогаш ќе засадиме дрва (за секои 10 килограми собран отпад се засадува по едно дрво). И така нивната околина и соседство ќе станат поубав и поудобен дом, објаснува Манасијевска.

Гордана Манасијевска и Ханес Јаецкл

Манасијевска и Ханес Јаецкл ја основаа компанијата на 1 јануари 2020 во Скопје со единствена цел: да снимаат филм со музичкиот состав „Синтезис“. Оттогаш се случија многу други нешта, но не и планираниот филм со „Синтезис“.

Но, сè што направивме во последниве година и половина беше на овој или оној начин секогаш поврзано со Македонија земјата што стана втор дом за Ханес и земјата што ние почнавме да ја нарекуваме СОНЧЕВА – Земја на сонцето. Во овој период запознавме исклучително интересни луѓе, кои создаваат неверојатни нешта, инспиративни уметници, научници, во прекрасни и речиси заборавени делови од земјава. Започнавме да ги собираме овие приказни и да ги објавуваме на нашите социјални платформи со цел да ги инспирираме другите луѓе, особено младите во Земјата на сонцето со овие примери, вели Манасијевска во разговор за „Република“.

Гордана и Ханес сакаат сите да разберат и сфатат колку прекрасна и колку многу можности има оваа земја во која живееме и колку љубов оваа земја ни дава.

И како што се случува со секоја љубовна приказна бегањето и става крај на таа љубов и затоа сакаме да ги поттикнеме младите генерации да бидат иновативни, креативни и да ги искористат капацитетите и можностите што оваа земја ги има за да создадат од неа нивна Земја на сонцето, вели Манасијевска.

По завршување на „Генералка викенд“ тие ја најавуваат Сончева гора, кое, според нив, ќе биде совршено место.

Но, што е тоа совршено место? Тоа е место што ќе расте секоја година, со секоја ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД во следниве 10 години. И ќе биде лесно пристапно за секој што живее во оваа земја. Така, сите луѓе кои ќе собираат отпад со цел да ја направат нивната околина почиста и поубава, заедно со нивните семејства ќе имаат можност да ја посетат шумата за која помогнале да се засади и изгради. Заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и научниците ќе го пронајдеме тоа совршено место. Веќе имаме неколку кандидати за тоа место и во текот на летото официјално ќе објавиме каде ќе биде и каде ќе биде засадена СОНЧЕВА ГОРА. Ако се оди според планираното, првите дрва од СОНЧЕВА ГОРА ќе ги засадиме оваа есен, вели Манасијевска.

Во „Генералка викенд“ може секој да учествува. Возрасни, млади, мали, големи, слаби, силни…

Само земете ги луѓето со кои делите ист дом, одете до најблиското место за собирање отпад, земете вреќи за отпад од нашите пријателски расположени волонтери и потоа одете на прошетка и соберете ги отпадоците на кои ќе наидете. Кога вреќите ќе бидат полни со отпадоци само предадете им ги на нашите љубезни волонтери „Сончеви пионери“, вели Манасијевска.

„Менд енд маунтен“ сакаат „Генералка викенд“ да биде интегрален дел од секоја пролет, да стане добра традиција за добрите луѓе кои на пролет ќе ја исчистат нивната околина од отпадоци, за да можат сите да ги уживаат животите во чисто соседство.

Со секоја година и со секога „Генералка викенд“ „Сончева горра“  ќе расте и ќе станува сèп оширока и посилна, сè посилен симбол што ќе ја одразува волјата и способноста на луѓето да ја променат нивната земја на подобро, сметаат Гордана и Ханес.

Тие сакаат во оваа и до крајот на следната година да ги објават сите собрани приказни за „Амбасадорите на Сончева“ и да го воспостават проектот „Зелена сончева“ како фиксен традиционален настан во нашата земја.

Со нашите проекти сакаме да ги донесеме луѓето заедно на една маса да запомнат дека само заедно можеме да постигнеме се, сето она што сакаме да го постигнеме и што сакаме да бидеме. Македонија е непресушен извор за митови, уметност и неверојатни индивидуалисти и затоа е најдоброто место да се биде инспириран за идни проекти, велат Гордана и Ханес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.