Мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман (63), попознат како Ел Чапо, ја обжали доживотната казна затвор изречена пред една година, тврдејќи дека судењето било неправедно.

Во жалбата поднесена до Апелациониот суд во Њујорк се тврди дека судијата донел одлуки што и овозможиле на поротата да сослуша погрешни докази на судењето за Гузман, тврди Хина, повикувајќи се на АП.

Исто така, се тврди дека еден од адвокатите на Гузман имал судир на интереси, дека поротниците ја прекршиле наредбата да не се читаат вести и објави на социјалните мрежи за Ел Чапо и судењето и дека неговите права од четвртиот, петтиот и шестиот амандман биле повредени со употреба на самица и други прекумерни безбедносни процедури што претставуваа „казна без судење“.

Исто така, се бара судот да назначи друг судија да ја разгледа жалбата и да ги испита наводите дека владата неправилно го водела случајот.

Поранешниот водач на моќниот мексикански картел Синалоа беше осуден во 2019 година на доживотен затвор плус 30 години дополнителна казна затвор, а исто така му беше наредено да плати 12,6 милијарди долари отштета.

Ел Чапо е осуден за злосторства, вклучително и трговија со стотици тони кокаин, хероин, метамфетамин и марихуана, како и за учество во неколку крвави заговори како еден од водачите на озлогласениот наркокартел.

Двапати избегал од затворот во Мексико, првиот пат во 2001 година од затворот Пуенте Гранде во Халиско се криел во количка за перење алишта, а вториот пат во 2015 година од затвор во градот Алтаплано избега низ тунел долг еден километар.

Мексиканските маринци го фатија Гузман шест месеци подоцна, во јануари 2016 година, и тој беше екстрадиран во САД во 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.