Касета на која има снимка од разговор со Џон Ленон и Јоко Оно, како и досега необјавена песна, снимени за време на нивна посета во Данска во 1970 година, е продадена на аукција во Копенхаген за 50.000 евра.

Почетната цена за снимката, којашто беше понудена на наддавањето со фотографии од средбата, изнесуваше 100.000 дански круни. Пред аукцијата, проценката на понудениот пакет се крена на нешто под 300.000 круни (околу 40.000 евра).

На аудиоснимката се наоѓа и песната „Radio Peace“, снимена на 5 јануари 1970 година, со тинејџери ученици од Данска, кои успеале да добијат интервју со светски познатата двојка за нивното училишно списание. Песната никогаш не е официјално објавена.

Името на купувачот засега не се открива.

Во 33-минутната снимка, Ленон зборува за мировната кампања што ја водат тој и Јоко, за неговата фрустрација од имиџот на „Битлси“, но и за должината на неговата коса. Следат божиќни песни, Ленон свири на гитара, а може да се чуе и песната „Give Peace a Chance“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.