Иако во христијанскиот дух е да се одбележува скромно, последната деценија сведоци сме на вистински гозби кои се прават во чест на тој семеен празник, а неретко се случува домашните од тоа да направат вистински спектакл, па често викаат и трубачи за да го одбележат тој ден. Тоа е погрешно!

Тука се и подароците кои гостите ги носат на домашните, а кои од година во година се по луксузни, а понекогаш и чудни. Па затоа ви пренесуваме што вели црквата за подароците.

Прво треба да се појасни дека славата се одбележува во сеќавање на покојните. Исто така славата служи за духовно смирување и помирување со најблиските.

Тоа е доба кога, ако има некое недоразбирање, треба да се реши и на масата да се седне со духовен мир без гневно чувство спрема најмилите. Иако се вели дека славата ја почитуваат, но забораваат на најважната работа во врска со неа. На денот на славата, најважно е да се отиде во црква, да се причестите и да се исповедате, како во почетокот на годината ќе влезете со чиста душа, велат од црква.

Треба секогаш, но барем тогаш да се сеќаваме на светителот, којшто е наш семеен и домашен заштитник, покровител и застапник пред Бога. Тој е наш посредник до Бога.

Црквата ги празнува умрендените на светиите. Празниците се на денот кога тие се упокоиле во Господа, а не кога се родени. Денот кога го напуштиле овој живот, а не кога дошле на овој свет. Зошто?

Затоа што умренденот е раѓање за вечноста, за вечниот живот. Гробот е врата низ која минуваме од времениов во вечниот живот. Затоа умренденот е роденден за светиите. (Православната црква прославува само три родендени, на три личности: Господ Исус Христос, Богородица и свети Јован Крстител).

Затоа велиме дека тие се живи и ги прославуваме како живи, им се обраќаме, им се молиме, тие ни помагаат, чудотворат и живо дејствуваат и во нивниот духовен свет, но и во нашиот овоземен, материјален свет.

Свети апостол Павле вели дека и секое христијанско семејство е „домашна црква“(види: Рим. 16, 19). Тое е заедница на верата во Бога. А на славата, ние се собираме повеќе луѓе во чест на светителот и празникот, та правиме поголема и помногубројна од семејната заедница – значи претставуваме Црква, во името на Бога и на светителот.

Оттаму празнуваат и еснафските слави, земајќи свој празник сите што се од една професија. На пример: цариниците – свети Матеј; месарите – свети архангел Михаил; просветарите – свети Климент Охридски; лекарите – свети Наум Охридски и свети Пантелејмон и сл.

Тоа е пред сè духовен настан, којшто треба да се одбележи со израз на вера, надеж, љубов и молитва.

Името „слава“ значи славење на Бога и прославување на светите Божји угодници, преку благодарење за добрините што ни ги дал Бог и за помошта од светиите, како и наша молитва за натамошно нивно застапништво за нас.

Домашен празник (славата, крстено име или именден) не се одбележува само со богатото гоштевање, туку и со молитва, вера и со добри дела.

Јадењето и пиењето не се грев, но прејадувањето и опивањето или прекумерното расфрлање се гревови.

Црквата го благословува она што е во разумни граници, а другото го забранува.

Господ Исус Христос со апостолите ја празнувал Пасха, Тајната Вечера и сл. Значи, и нашиот Спасител Христос одбележувал празници и со тоа ни дал пример и нам и ние да ги одбележуваме празниците.

Славата претставува служба на Бога и служба на светителот. Како? Со славата ние му служиме на светителот и на Бога. Му принесуваме молитва, добра мисла и желба, добродетели, милосрдие, добар благослов и збор со благопожелби. Со славата ние искажуваме молитвено почитување на Бога, на светиите, но и на ближниот. Тогаш правиме и молитвен и побожен разговор, којшто е како молитва и богослужба.

Суштината на славите е во скромноста и затоа подароците не се скапи, бидејќи тоа не е потребно. Меѓутоа, современите луѓе се повеќе ги зголемуваат расходите за слава, па оние кои се погодени од еконмската криза повеќе сакаат да не ја слават славата, бидејќи не можат на гостите да им понудат пообилна гозба.

Тоа е голема грешка – славата треба да биде достоинствена и скромна, вели црквата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.