Германскиот поштенски концерн Дојче Пост соопшти дека ќе издаде специјална поштенска марка по повод 75-годишнината од раѓањето на британскиот музичар Дејвид Боуви.

Портпарол на концернот изјави во Бон дека поштенската марка ќе чини 85 центи и ќе биде пуштена во продажба на 3 јануари. На неа ќе биде испечатена фотографија од Боуви со неговата гитара од 1984 година. Покрај тоа, од 7 јануари ќе бидат достапни и два специјални комплета со фотографии од познатиот музичар, кои ќе бидат во ограничен тираж – по 5.000 примероци.

Британскиот кантавтор Дејвид Боуви почина на 10 јануари 2016 година на 69-годишна возраст по долго боледување. Во текот на својата кариера, тој има продадено над 136 милиони плочи и е меѓу десетте најуспешни уметници во историјата на популарната музика во Велика Британија. Во 2004 година, списанието „Ролинг Стоун“ го рангираше Боуви на 39-то место меѓу „100-те најголеми рок изведувачи на сите времиња“ и на 23-то место меѓу „100-те најдобри вокалисти на сите времиња“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.