Ли Шенхер, директорот на една приватна компанија во Мичиген, одлучил да израдува 200 вработени со бонус од 4 милиони долари.

Тоа би значело дека вредноста на бонусот ќе биде од 20.000 до 60.000 долари по вработен.
Станува збор за фабрика за производи од пена кои потоа се продаваат во голем синџир на продавници во САД, како и преку „Амазон“, а наменети се за декорирање и за цветните индустрии.

Компанијата „Флора крафт“ е основана во далечната 1946 година, а нејзиниот сегашен извршен директор и сопственик, Ли Шенхер, ја води од 1973 година.

Тој на 14 декември ја објавил одлуката за бонусите на свечената вечера со вработените.
Вработените му аплаудирале, а поедини дури и заплакале од среќа.

– Тоа е нешто што Ли со години сакаше да го направи. Во февруари, на собирот на управниот одбор рече: „Мислам дека оваа година мора да изнајдеме начин за тоа да го реализираме. Поминавме голем дел од годината смислувајќи ја вистинската програма – рекол Ерик Ервин, еден од главните менаџери.

Како што соопштила компанијата, висината на бонусот зависи од тоа колку долго работеле во фирмата. Вработените ќе добијат бонус од два дела. Првиот дел ќе го добијат во готово и тоа до крајот на наредната година, а вториот дел ќе им биде префрлен на сметка, до крајот на март, 2020 година.

Сè до свечената вечера, компанијата тоа го чувала како строго доверлива тајна.
Инаку, во оваа фирма никогаш немало отпуштање на вработените поради технолошки вишок или поради лошо работење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.