Британскиот истражувач Дејвид Атенборо во средата ја предводеше кампањата на конзерваторските групи за целиот свет да инвестира 500 милијарди долари годишно за да се запре со уништувањето на природата, велејќи дека иднината на планетата е во „голема опасност“.

Атенборо, чиј нов филм „Живот на нашата планета“ ги документира опасностите од климатските промени и истребувањето на видовите, ја даде својата изјава кога Обединетите нации свикаа еднодневен самит насочен кон акција за заштита на дивиот свет.

Нашиот природен свет сега е под поголем притисок отколку во кое било време од историјата на човештвото, а иднината на целата планета – од која зависи секој еден од нас – е сериозно загрозена, рече Атенборо.

Деведесет и четиригодишниот истражувач вели дека „сè уште имаме можност да ја вратиме катастрофалната загуба на биодиверзитетот, но времето истекува“.

Отворајќи го самитот во Њујорк, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека милион видови се изложени на ризик од истребување и дека климатските промени и губењето на биодиверзитетот „ја уништуваат Земјината мрежа на живот“.

Човештвото води војна со природата, треба да го смениме односот со неа, рече Гутереш.

Светот троши околу 80 до 90 милијарди долари на зачувување на природата секоја година, но студиите покажуваат дека можеби се потребни стотици милијарди долари за да се спасат екосистемите од колапс.

Велика Британија, Канада и другите земји се приклучија на Европската унија во понеделникот ветувајќи дека ќе заштитат 30% од нивните земјишта и мориња до 2030 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.