Во Македонија сѐ уште нема продавница на светски популарниот производител на мебел, шведскиот „Икеа“, но ретко кој не слушнал за нив и нивниот „состави сам“ мебел по достапни цени.

Има неколку генијални причини зошто „Икеа“ постигнува толку голем успех на светско ниво, а порталот „Крекд“  ги издвојува четирите основни трика поради кои луѓето ја сакаат.

4. Локација

„Икеа“ го користи принципот на изолација. Имено, продажните простори на „Икеа“ низ светот се градат во пустелија и се одделени од останатите продавници или супермаркети барем 20 минути. Така, вие никогаш нема да одите во „Икеа“ случајно или само на разгледување, бидејќи не ви се исплати. Кога веќе одите во нивната продавница, останувате таму и се посветувате на „Икеа“.

3. Конфузија и хаос

Лавиринтот на рафтови не е случаен или, пак, грешка на дизајнерот. „Икеа“ сака да ве дезориентира и така да ве задржи подолго во продавницата. Имате ограничен број на излези, па вртејќи се наоколу сигурно ќе посегнете по некој од производите кои се на „екстра попуст“. Тука се и расфрланите крпи или материјали, кои не случајно се така оставени од страна на работниците, бидејќи по спроведените истражувања се покажало дека таквиот поглед кај купувачот го активираат импулсот за трошење.

2. Мирис на храна

Храната, па дури и само мирисот на храна, функционира како дрога која ве тера на трошење, а „Икеа“ добро го знае ова. Не е случајно што ресторанот во секоја нивна продавница се наоѓа токму во средината на целиот лавиринт. Во одделот за продавање на кујнска опрема, пак, намерно мириса на ќофтиња, па така мирисот веднаш си го поврзувате со тавата што ја гледате и наеднаш сфаќате дека „многу ви е поребна“.

1. Икеа-ефект

Со самото тоа што мебелот од „Икеа“ морате сами да го склопувате, се постигнува одредено чувство на гордост и задоволство на нешто постигнато, сега познато и како икеа-ефектот. Луѓето се нарцисоидни суштества, па без разлика што ќе потрошите многу часови и на составувањето на обична полица за книги, крајниот резултат се исплати. Оттаму системот „направи сам“ во маркетиншките кругови засекогаш ќе остане познат како икеа-ефект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.