Во Барселона деновиве е отворен музејот „Бенкси“, посветен на британскиот графити-уметник. Галеријата, која до неодамна се викаше „Еспаи Трафалгар“, претходно беше домаќин на изложбата на дела од овој автор, наречена „Светот на Бенкси“. Сега надлежните решија целиот простор да му го посветат на Бенкси – и тоа трајно. Затоа галеријата го смени името, а беа вклучени плус 30 негови нови дела. Идејата е секој следен создаден графит од уметникот да биде поставен во овој простор.
Во моментов во музејот има повеќе од 100 дела. Графитите, се разбира, не се оригинални. Станува збор за репродукции во вистинска големина, создадени од десет уметници од различни делови на светот. Оригиналните мурали сѐ уште се на улиците каде што ги „оставил“ Бенкси. Или барем оние што останале. Уличната уметност е единствена токму поради тоа што се создава на јавни простори до кои секој има пристап. Еден ден графитот е достапен за секого, следниот ден врз него може да се најде нешто ново.

Исто така, временските услови можат да ги променат графитите, па дури и целосно да ги уништат делата со текот на времето. Затоа еден ваков музеј може да биде скапоцено место што ќе ги зачува овие дела од нивното исчезнување.
Иако природата на уличната уметност е различна и не можеме да ги чуваме оригинални дела во рамки, во Барселона најдоа начин да направат нешто блиску до тоа. Музејот „Бенкси“ е поделен во неколку сегменти посветени на земјите каде што создавал уметникот. Во музејот се сместени и поновите дела на Бенкси, како што е портретот на Кејт Мос, инспириран од оној на Мерилин Монро на Ворхол. Тука се и препознатливите стаорци на Бенкси, мотив што се појавува во многу негови дела.
Музејот, исто така, рекреираше дела создадени за време на пандемијата, кои ја прикажуваат ситуацијата во која се најде светот во 2020 година. Така, едно од делата претставува медицинска сестра облечена во костим на Супермен. Друго извонредно дело е „Венеција во масло“, серија слики што јасно предупредуваат на ризикот од поплавување на кој е изложен овој италијански град. Бенкси експлицитно укажува на штетите што овој град ги трпи поради големиот број туристи и бродовите што поминуваат по венецискиот залив.
Како и секогаш, Бенкси ги исполнува своите дела со важни општествено-политички пораки, критикувајќи го актуелниот систем на единствен начин. Бенкси е роден некаде околу 1974 година. Се претпоставува дека потекнува од англискиот град Бристол. Во средината на 1990-тите години, тој стана препознатливо име во светот на урбаната уметност благодарение на неговиот уникатен и пред сѐ провокативен јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.