Менито го одбрала самата кралица од четири можни менија што и’ биле понудени од страна на кралските готвачи.

Раскошниот банкет, што британската кралица Елизабета Втора го приредила во Бакингемската палата во чест на првата државничка посета на претседателот на САД Доналд Трамп, поминал беспрекорно.

Трамп и неговата сопруга Меланија присуствувале на вечерата со четирите возрасни деца на Трамп. Вечерта ја обележале нивните здравици, но внимание привлекло и менито што им било понудено на 170-те гости.

Би-би-си наведува дека на чиниите, помеѓу другото, имало филети од иверка приготвена на пареа, младо виндзорско јагне, а за десерт бил послужен сув растресит колач од јагоди со крем од лимон, а потоа следело свежо овошје, кафе и ситни колачи.

На гостите им биле понудени две врсти англиски пенливи вина, како и црвено вино „Шато Лафит-Ротшилд“ од 1990 година, чие шише достигнува цена и до 1600 евра.

Американскиот претседател не пробал ниту едно од овие вина, бидејќи воопшто не пие алкохол.

Менито го одбрала самата кралица од четирите можни менија што и’ ги понудиле кралските готвачи.

На банкетот гостите имале прилика да слушаат музика од Хендл, но и англиски поп од пејачот Ед Ширан, како и гајди.

На програмата била и „Tonight“ од американскиот мјузикл „Приказна од Западната страна“.

Од британската страна, меѓу присутните биле кралицата Елизабета, принцот Чарлс и сопругата Камила, како и принцот Вилијам и сопругата Кејт Мидлтон.

фото: CNN

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.