Во Австрија стапиле на сила новите мерки за сузбивање на коронавирусот, а една од нив е забрана за носење визир.

Поради огромниот број на новозаразени пациенти, австриските власти вовеле низа мерки во обид да го запрат ширењето на коронавирусот, а јавноста најмногу ја збунила мерката за забрана на заштитните визири, пренесува Б92.

Власта проценила дека маската која добро е припиена за лицето е единствената мерка за заштита во сите јавни затворени простории, додека другите заштити за лице и за нос не се доволни. Причината за забраната на визирот и на мини визирот кој се става на брадата и ги покрива устата и колку-толку носот и кои најчесто ги носат лицата во рестораните и во продавниците, се студиите кои наведуваат дека ваквиот вид на покривка не е доволна во спречувањето на ширењето на аеросолите во споредба со класичните маски кои добро се припиваат за лицето.

Механичките средства за заштита како визир или мини визир се покажале за неадекватни во спречувањето на ширењето на ковид19 и мора да бидат забранети, се наведува во објаснувањето на австриските власти.

Една американска студија објавена во септември покажала дека визирот овозможува најмала заштита од корона од сите видови маски. Со симулација е покажано дека визирот може да го спречи ширењето на капките во моментот на кивање или кашлање, но дека аеросолите сепак се распрскуваат по просторијата и потенцијално ги загрозуваат другите лица.

Германскиот институт „Роберт Кох“ соопшти дека употребата на визир не може да биде алтернатива за покривање на устата и носот бидејќи постоечките студии покажуваат дека визирот не ги апсорбира респираторните капки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.