Не поминаа ни цели два дена, а премиерот во оставка Зоран Заев почна да глуми разочаран љубовник. И сега сите треба да се потресат од тоа што одлучил да поднесе оставка на двете функции, на премиерската и на партиската, како прв човек на владејачкиот СДСМ.

По доживеаниот дебакл на локалните избори, во кои самиот настапи коцкарски, коцкајќи се со се, ол ин, Заев никој, ама апсолутно никој не го влечеше за уста, па прво да ги најави оставките со (не)успехот на кандидатот за скопски градоначалник Петре Шилегов, а потоа од партиската говорница и да ги понуди. Да, само да ги понуди. Зашто, барем кога станува збор за премиерската, ако имаше барем малку човечка доблест, ќе го почитуваше и Уставот и собранискиот Деловник и, како што е редот, уште вчера рано изутрина на писмено ќе ја доставеше до претседателот на Собранието, aнализира „Пресинг ТВ“.

-Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ. Но нејсе. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија во земјава наша, а кога е слобода и демократија правилото е дека треба да има и превземање на одговорност. Низ превземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене ред е граѓаните да подржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг или да водат грижа за својата политичка фотелја, изјави меѓу другото во неделата доцна вечерта Зоран Заев.

Но, како и секогаш, Заев едно зборува, друго мисли, а нешто сосема трето прави. За него се покажува и тоа како тешко заминувањето од политиката. За него е многу поважно да го дели народот. Последно, на прогресивен и регресивен. Но, и да изрази разочарување од одлуката на народот на која, според него, е тешко дури и да се помисли!

А, зошто? И која е основната мерка на Заев за оценување на народот на прогресивен или регресивен? Неговото практицирање на власта, неуспешните реформи во правосудството, неуспешната борба против криминалот и корупцијата, цутењето на шверцот со дрога, што добива дури и институционални димензии, неговите лаги, покажувањето на неговиот „стап“, пораката за „јадење живи луѓе“ или политиката на „свиткана кичма“, понижувањата, наспроти достоинството, неисполнетите ветувања на неговите градоначалници и нивното неработење, грдата, валкана црна кампања, отворено манифестираниот социјалдемократски националшовинизам директно против новата скопска градоначалничка Данела Арсовска…

Или, пак, неисполнетите ветувања на ЕУ кон Македонија за официјален почеток на преговорите за членство, лошиот Договор за добрососедство со Бугарија и неприменливоста на одредницата „заедничка“ историја, (не)употребата на тоа на „С“ меѓу името на државата Република Македонија исто како тоа на „М“…

И за сето ова постојат едноставни и рационални одговори, што Заев, за жал, не сака или не може да ги види. Тој и неговите советници не знаеја што потпишуваат во Софија и како Бугарите ќе ја толкуваат „заедничката историја“, па сега да не убедува дека е „добрососедски“ целосно да не бугаризира? Не знаеше дека за мнозинството граѓани е неприфатлива употребата erga omnes на новото име на државата? Не знае дека употребата на Република Македонија е можна дури и институционално се додека за тоа не се изјасни Уставниот суд? Кога се коцкаше ол ин со меѓународната заедница за промена на името не знаеше да се „испазари“ дека повеќе не смеат на Македонија да и се поставуваат било какви нови пречки за почнување преговори за членство во ЕУ?

И сега народот му е виновен што за овие пет години не ја согледал неговата прогресивност! А, дали оди заедно политички коцкар, што вложува ол ин, со тоа прогресивност? Апсолутно, не оди!

Умните глави не велат попусто дека историјата се повторува, но некогаш и како фарса. Однесувањето на Заев и плачењето за неуспешното глумење разочаран љубовник сега во многу наликува со еден настан од пред неколку децении. А, да не биде дека ние нешто „мрчиме“, еве само ќе пренесеме, што на оваа тема пишувал проф. Димитар Димитров, таткото на вицепремиерот Никола Димитров, во неговата колумна насловена како „Стратегијата на претседателот“, што е составен дел од неговата книга „Името и умот“.

„…Назначената дефектна институционална структура, претставува софистички прилог/фаза на стратегијата на Берлинскиот конгрес и на Букурешкиот договор, сега веќе како стратегија на саморазнебитување, бидејќи сме и ние самите и предмет, и егзекутори. Она што Глигоров од својата револуционерна фаза на црвениот терор, го правеше со Лазар Мојсов, со Панта Марина, со Анести Пановски, со Благој поповски, со Александар Христов, со Евгени Димитров итн., сега го продолжува со нивните деца. Тоа, иследникот Анести Пановски го формулирал вака:„Какви Македонци, бре! Ако терба, Кинези ќе населиме, само да се комунисти!“ Т.е. да не се „националисти“ („бугараши“, „ванчовисти“ и сл.) (С.Ристески, „Судени за Македонија“)…“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.