д-р Кирил Лазов

Макондо е село на уништувањето и пропаѓањето поради алчноста. Макондо е село на самотијата. Е, таква е и денешна Македонија. Како и во романот. И таму власта нема визија за солидарност и заедништво, и таму власта е изолирана од својот народ и неговите болни крици за помош, за спас од тонењето.

Не така многу одамна, во еден од своите текстови напишав: “Dies diem docet” или „Денот на денот му е поука“, но ако беше така до денес лекцијата требаше да биде научена. Денес кога поминуваат сто ден од формирањето на старо-новата влада се поставува прашањето, каква лекција ние научивме во изминатите денови, односно каква лекција научија оние кои требаше да ја научат. Оти велат, мудрите учат од искуството. А ние? Ние секој ден живееме нова сага. Сага предизвикана од КОВИД 19 и од нспособноста за справување и менаџирање на министерот за здравство Венко Филипче.

Во овие сто дена успеавме да бидеме сто чекори поблиску до смртта. Да се впишеме во земјите со најголема стапка на смртност по глава на жител. Лошата стратегија за менаџирање на кризата и непознавањето на состојбите, како и несоодветните анализи на епидемиолошките аспекти, од самиот почеток, не доведоа таму каде што сме и не направија лидери по најголем број смртни случаи на милион жители и земја со најголема стапка на смртност. Ни се случува катастрофа во однос на бројките на заболени. Имаме рапидно зголемување, а бледо молчиме во однос на конкретни мерки. Ова е само резултат на промашената стратегија.

Да потсетам! Овие сто дена министерување на Филипче се во знакот на:
Неадаптирани болници, неопремени пунктови и лабаратории, недоволно тестови, застој во тестирањето, немање апаратура и достоинствени услови за лекување, немање соодветна терапија и повеќе и повеќе смртни слуачаи, пациенти кои ја губат битката поради ненавремено вклучување на кислородна поддршка затоа што нашите болници немаат доволно кислородни боци и довод за кислород.

И додека сите држави бележат драстично намалување на бројките на новозаразени ние добивме тажна титула за статистиките: „Македонија – Италија на Балканот“, а тоа најдобро укажува колку ситуацијата е навистина под контрола.

И тука се отвора дилемата дека има нешто труло и расипано во нашиот систем!

Изминативе сто дена се зголеми и бројот на заразени и починати здравствени работници од КОВИД 19, а ова го вклучува алармот – дали здравствените работници се доволно заштитени? Всушност, ова ја отсликува елементарната неподготвеност на системот предводен од СДСМ, не само да одговори, туку и да ги заштити оние кои треба да ја водат борбата со епидемијата и оние кои се во првите редови. Има бројни недостатоци во условите што институциите им ги овозможуваат на медицинските лица.

Сто денови здравствениот систем тотален хаос. Со која храброст се уште не убедуваат дека ситуацијата е под контрола. Ова ли е таа контола кој ја побиваат дневните биланси во изминатите денови. И каква е таа ситуација под контрола кога ги имаме истите бројки како ситуацијата водеше кон пик?

За жал, во оваа нова нормалност одговорноста на граѓаните е уште поголема. Народот мора да се научи да живее со вирусот. Да ги почитува мерките за лична заштита, задолжително носење на маски, одржување на физичка дистанца, редовна хигиена и дезинфекција на рацете. Мораме да се научиме да живееме со вирусот и тоа подолг временски период и сами да се справуваме затоа што надлежните не успеваат.

Една од најголемите дилеми во овие сто дена влада, сто дена министерување на министерот за смрт е дали укинувањето на рестриктивните мерки преку ноќ беше исправна одлука?

Факт е дека мерките кои што се воведоа не се сосема доволен механизам да се постигне крајната цел и повеќе од потребно е вклучување на црвен аларм. Надлежните наместо само да ја следат сотојбата и да препорачуваат и донесуваат задоцнети мерки со кои повторно се контрадикторни и нефективни треба да делуваат брзо и рационално.

Овие сто дена министерување на Филипче се карактеристични и по негрижата за хронично болните, по укинувањето на мерки за нив, но и тешко достапните контролни прегледи во секундарните и терцијлните здравствени установи. Овие сто дена ќе бидат запаметени и по неможноста да се дојде до термин и упат за преглед на клиниките, а многу акутни состојби кои не се навремено дијагностицирани се причина за фатален исход. Илјадници пациенти секојдневно
се молат и не можат да дојдат до упат!

Овие сто дена министерување продолжуваат во знакот на бизнис зделките околу набавка на лимени ковчези, вакцини, лекови.

Секако, во извештајот за овие сто дена стои и доцнењето на набавката на вакцините против сезонски грип и малиот број на вакцини кои се набавени и многу нереализирани и ненавремено завршени проекти.

Селото Макондо, во делото на познатиот писател Маркес, Сто години самотија, е место на затворен круг од кој не можеше да се избега, егоцентричност на генерациите, неспособност на елитата да најде љубов и разбирање.

Исто како и кај нас денес!

Пријатен престој во Макондо!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.