Во Македонија во моментов живеат околу 20.000 лица со Алцхајмерова деменција, а вкупниот број лица со деменции од сите типови достигнува и до 40.000.​ Во светот има околу 50 милиони лица со оваа болест, а до 2050 година се очекува овој број да се зголеми тројно и да достигне до 152 милиони.​

Алцхајмеровата болест се нарекува и епидемија на 21 век, имајќи предвид дека е најчестиот вид деменција.​ ​

По повод одбележувањето на 21 септември – Светски ден посветен на Алцхајмеровата болест, од Министарството за здравствоо информиаат дека во изминатите три години во нашата земја е постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите.​ ​

За таа цел, дизајниран е посебен протокол, кој опфаќа проширени невропсихолошки тестови, лабораториски анализи за исклучување реверзибилни деменции, imaging-методи и најважно, одредување биомаркери за Алцхајмеровата болест.​

Протоколот е дизајниран со тимска работа и мултипрофесионална експертиза од повеќе релевантни институции, меѓу кои: Универзитетската клиника за неврологија, Клиниката за психијатрија, генетската лабораторија при МАНУ, како и Институтот за нуклеарна медицина каде со помош на методата мозочен SPECT се диференцираат типичните и атипичните форми на Алцхајмерова болест и Фронто-темпорална деменција, а од овој месец и Институтот за имунологија и хумана генетика каде се одредуваат биомаркерите за Алцхајмерова болест во цереброспинален ликвор, велат од МЗ.​ ​

Со оваа дијагностичка метода се овозможува прецизна и рана дијагноза на Алцхајмеровата болест, која е неопходна за точна дијагноза кај сите лица кај кои постои сомнеж за ран почеток, на возраст под 65 години.​

Токму точната и навремена дијагноза на Алцхајмеровата болест е неопходна во раниот стадиум на болеста, со цел почнување со соодветен третман и донесување одлуки за натамошна грижа.​ ​

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.