За упис во средно образование наредниот месец ќе има три пријавувања, почнувајќи од 14 јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, поточно на 23 август, за што ќе достават доказна документација.

Конкурсот за упис во прва година во учебната 2021/2022 година, кој беше објавен на крајот на март, предвидува во 109 средни училишта вкупно 30 053 слободни места во 913 паралелки. Од нив, 19 602 во стручно образование во 604 паралелки, 9261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гимназија.

Фокусот е ставен на стручното образование за кое МОН со поддршка од проектот „Образование за вработување во Македонија“ (Е4Е@мк) и Швајцарската агенција за развој и соработка ја спроведе кампањата „Учи паметно, работи стручно“ за да се утврдат потребите од занимања/струки на пазарот на трудот и во консултации со училиштата, локалните самоуправи и компаниите да се договори уписната политика и да се отворат паралелки за одредени профили во секоја од општините.

Идните средношколци имаат доволно време да размислат каде ќе продолжат да се образуваат. Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот, информираше денеска МОН.

Министерството соопшти дека низ дијалог во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ се оформени 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование. Тоа е интересен за младите, наведува МОН, затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница.

Во меѓувреме, МОН креираше целосно нова политика на стипендирање на средношколците,така што за новата учебна година се предвидени 2000 стипендии во вредност од 3.500 денари месечно за девет месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование. Двесте стипендии во износ од 2.200 денари месечно за девет месеци во годината ќе им бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки, како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка. Ова е одличен мотив за учениците додека се едуцираат, истовремено и да остваруваат дополнителен приход, посочува Министерство за образование и наука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.