Каме Бачевски има 68 години и е со нарушено здравје, но тоа не го спречило викендов самиот да ги „крпи“ дупките на улицата „Гоце Делчев“, една од најруинираните улици во Тетово. На ова, вели, се нафатил од мака, бидејќи и самиот, како и сите кои поминуваат тука секојдевно имаат проблеми да се движат и пешки и со возила.

Поради огромниот број дупки на улицата секој ден тој бил сведок како се оштетуваат возила на соседите, но и други луѓе, а воедно и на пешаци кои се повредувале ако лошо стапнат, објави „Вечер“.

Со години чекаме оваа улица општината да ја реконструира. Целата е полна со дупки и тоа по една педа се големи. Колите ги испокршија луѓето, а и пешки тешко се оди. Треба да се внимава инаку можеш и нога да искршиш – објаснува Каме.

Бидејќи има малечко камионче и лопата дошол на идеја да ги пополни дупките со остатоци од асфалтна база. Ги има израмнето сите дупки на потегот од градските гробишта до Чапчаково сокаче што има речиси 500 метри должина.

Материјалот ми го дадоа од градежната фирма која работи на уредување на улицата кај касарната. Таму се изгреба асфалтот и се работи на улицата.  Ги прашав и во договор со нив ги зедов остатоците од асфалтот што беа изгребани од таму и го донесов тука. Камионче, колица, лопата и добра волја беа потребни за оваа работа.  Три пати го полнев камиончето или околу шест кубни метри материјал поставив тука – вели Каме.

Додека ги пополнувал дупките во саботата и неделата му помогнал само еден сосед од населбата Поток.

Ме благословуваа луѓето што го направив ова, а особено таксистите бидејќи нема да ги кршат колите вака. Една жена излезе од гробишта и ми подададе чоколадо. Ја прашав дали за душа за некого го дава ова. Ми рече, не туку алал да ти е што си се нафатил на ова. Ако правиш добро дело, Господ гледа и помага.  Откако завршив со крпење од дупките веднаш ме повикаа за работа со камиончето, да пренесеме мебел и разни предмети – ни раскажува Каме, но со потешкотија бидејќи има проблеми со гласните жици.

Чести се најавите на градоначалничката дека ќе биде реконструирана ова улица.

Реконструкцијата на ул.Гоце Делчев ќе се одвива преду Единицата за проекти при Министерството за транспорт и врски. Од страна на општина Тетово е комплетирана целата документација и доставена, очекуваме потпишување на договор помеѓу наведеното министерство и изведувачот со што се надеваме дека што поскоро ќе се пристапи со работа на терен – информираат од општина Тетово.

Улицата „Гоце Делчев“ која е долга околу 1000 метри и ги поврзува населбите од стариот дел на градот, е во лоша состојба. Делот до улицата кај населбите Поток и Певчина се најоштетени, бидејќи на многу места ги нема бекатон плочките, додека останатиот дел кај населебите Два Бреста и Колтук е со калдрма која исто така е оштетена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.