Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, на прес-конференција изјави дека „гужвите пред аеродромот во Кабул се проблем за нив“.

Тој изјави дека „поради хаотичната ситуација“, талибанците повеќе не дозволуваат авганистански граѓани да одат на аеродромот во Кабул.

Работиме за да помогнеме, но за жал, Американците се уште ја продолжуваат својата политика и се обидуваат да ги извлечат Авганистанците од земјата и да ги однесат во неизвесна иднина – изјави Муџахид.

Тој ги повика САД да не го „охрабруваат“ авганистанскиот народ, а особено луѓето со вештини и „образована елита“, да ја напуштат земјата. Исламистичката група посочи дека Американците земаат „авганистански експерти“, како што се инженери, од Авганистан.

Муџахид потенцираше дека Авганистанците повеќе не треба да доаѓаат на аеродромот и ги повика оние што се таму да се вратат во нивните домови. Портпаролот тврди дека нивната безбедност ќе биде загарантирана.

Талибанците тврдат дека милитантите „немаат список на луѓе“ за кои планираат одмазда.

Сè оставивме во минатото. Сакаме мир и стабилност во Авганистан и нашата земја да напредува – изјави Муџахид .

Тој воедно порача дека на жените нема трајно да им биде забрането да одат на работа.

Во моментов, тоа е за нивна безбедност, со цел да се спречи злоупотреба – порача Муџахид, додавајќи дека жените засега треба „да станат дома“.

Тој исто така тврди дека жените не биле отпуштени и дека ќе земаат плати.

Муџахид истакна и дека со САД не е договорено продолжување на рокот до кога ќе биде дозволена евакуација на луѓето од Авганистан. Тој рок истекува на 31 август и нема да биде продолжен.

Слична изјава даде и другиот портпарол на талибанците, Сухаил Шахен. Тој изјави дека ќе има последици доколку западните земји го пречекорат рокот за повлекување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.