Синдикатот на Полиција на Македонија ја информира јавноста полициски службеник од СВР Куманово, жртва на мобинг, ја напуштил службата и државата.

Се работи за млад и чесен припадник на полицијата, кој што уште од моментот на неговото вработување, учествувал во извршување на најсложени полициски задачи, а истовремено бил ангажиран и како припадник на посебната eдиница на полиција при СВР Куманово при што во сите негови ангажмани покажал висок степен на професионалност и посветеност во работењето.

За жал посветеноста, ангажираноста и професионалноста не биле критериуми кои што требало да бидат земени во предвид, па така истиот колега без никаков повод и причина и без никакво образложение првин од неговото работно место како полицаец во ПС од ОН Куманово, со незаконско решение бил распореден надвор од неговото регистрирано место на живеење како полицаец во полициско одделение Матејче кое што се наоѓа во истоименото село во Општина Липково. Бидејќи на релација СВР Куманово – ПО Матејче нема организирано службен превоз, а нема воспоставено ниту јавен превоз, колегата бил принуден со негово приватно возило да патува од и до неговото работно место поминувајќи во просек од околу 40 км во еден работен ден.

Според СПМ, на полицаецот не му било одобрено барањето за надоместок за патни трошоци.

Во експресна постапка и во целосна спротивност на член 9 и член 10 а во врска со член 4 од „Правилникот за условите и постапката за ангажирање, правата и обврските на припадниците на посебната единица за подршка во Министерството за внатрешни работи„  со образложение дека „така наредил началникот на СВР Куманово“ колегата е исклучен и раздолжен од посебната единица на полиција при СВР Куманово. И покрај сето оваа, а врз основ на одредена „шеговита“ преписка помеѓу колегите во нивна заедничка вибер група, со образложение дека токму началникот на СВР Куманово се почуствувал загрозен и по негова наредба колегата е повикан и задржан повеќе часови во ПС Куманово, од него е одземен неговиот мобилен и лично од началникот на СВР Куманово на колегата му биле упатувани навреди на национална и на лична и семејна основа и лично од него му биле упатувани директни вербални закани по неговиот живот. Соочен со голем притисок, малтретирање и мобинг на неговото работно место, допринеле да кај колегата се јави висок степен на разочараност и демотивираност, по што истиот донел одлука за напуштање на Министерството за внатрешни работи.

Синдикатот на полиција на Македонија ги осудува сите погоре наведени форми на вознемирување, притисок и директен реванжизам, вообичаено и секојдневно дејствување на началникот на СВР Куманово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.