Високиот претставник на Европската унија и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел денеска предупреди дека во пандемијата на коронавирусот се „потребни глобални решенија и дека ЕУ мора да биде во центарот на борбата“.

Во криза, човечкиот инстинкт често се свртува кон навнатре, се затвораат границите и се грижи за себе. Иако е разбирливо, ваквиот став е поразувачки. Итната состојба со Ковид-19 не може да се реши внатре во една земја. Тоа едноставно значи дека сите ние подолго ќе се бориме со поголеми човечки и економски загуби. Наместо тоа, треба да работиме на радикално проширување на меѓународната соработка помеѓу научниците, економистите и креаторите на политики. Во Обединетите нации, Светската здравствена организација и Меѓународниот монетарен фонд. Во рамките на Г7 и Г20 и други меѓународни форуми. Со здружување на ресурсите во лекувањето и пронаоѓањето вакцина, напиша Борел на блог.

Тој смета дека кризата со коронавирусот „наликува на војна“ затоа што бара мобилизација и насочување на ресурси на невидено ниво.

Солидарноста меѓу земјите и подготвеноста на жртва за општо добро се пресудни. Само со здружување и соработка преку границите можеме да го победиме вирусот и да ги спречиме неговите последици, а ЕУ тука има централна улога, напиша Борел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.