Пред неколку седмици Шведска одбележа 205 години од потпишувањето на последниот мировен договор, што значи дека скандинавското кралство повеќе од два века не било во војна. Иако ги погреба своите последни бранители и воени ветерани уште на крајот на 19 век, Шведска не ги запостави своите вооружени сили. Во последните декади, навистина, трошењето во одбраната постојано се намалува, но неодамна Владата на левиот центар, предводена од социјалдемократите, најави сеопфатно и зголемено вложување во одбраната.

Некои политичари рекоа дека станува збор за историско зголемување на буџетот за одбрана, а бројките покажуваат дека тоа навистина е така. Шведска за својата одбрана пред 40 години издвојуваше 3,1 отсто од својот БДП, за минатата година таа сума да се сведе на еден процент. Тоа е причината зошто буџетот за одбрана од годинешните 52 милијарди круни (околу пет милијарди евра) ќе се зголеми на 84 милијарди круни до 2025 година и ќе достигне 1,5 процент од БДП (Хрватска во 2018 година беше на 1,71 отсто). Секоја година од 2021, издвојувањата за армијата ќе се зголемуваат за дополнителни пет милијарди круни.

Набавуваат шеесетина нови авиони

Конкретни планови сè уште не се објавени, но веројатно е дека ќе се направат инвестиции во сите форми на вооружените сили, особено во копнената војска. Вкупниот број вработени во вооружените сили, вклучувајќи цивили, се очекува да се зголеми од сегашните 60.000 до 90.000 до 2025 година. Копнената војска треба да формира четири нови бригади, но и другите ќе профитираат. Медиумите шпекулираат дека, покрај стекнувањето 60 нови „грипен Е“, вооружените сили ќе ги задржат и модернизираат 95 постари модели на „грипен Ц/Д“.

Страв од Русија

Планот е исто така да се модернизираат двете стари и да се изградат уште две  нови подморници, обнова на радарскиот систем и модернизација на пет корвети од класата „висби“. Зошто тогаш земјата, која повеќе од два века успеа не само да ја задржи неутралноста, туку да избегне воени удари и граѓански војни и политичко насилство во земјата, реши толку нагло и значително да ги зголеми трошоците за одбраната, односно за веќе добро обучените и модерно опремените вооружени сили? Шведска е исто така во добри односи со сите свои скандинавски и балтички соседи. Одговорот е во веќе традиционалната загриженост, може да се каже дури и страв од моќна, агресивна, недемократска и не премногу пријателска Русија.

„Руското однесување сè повеќе станува советско, па Шведска ќе мора да се приспособи на тоа. Со поголема воена и понапредна територијална одбрана, ќе бидеме поподготвени и поотпорни, што може да влијае да не дојде до војна“, едноставно ги објасни работите Алан Видман, пратеник во парламентот од редовите на шведските либерали, кои ја поддржуваат владата на Социјалдемократската партија. Балтичкото Море е „мек стомак“ на Шведска и сцена на десетици инциденти што вклучуваат блиски средби меѓу шведски и руски воени авиони, влегување на руски авиони во шведскиот воздушен простор и појава на „неидентификувани“ подморници во шведските територијални води.

И натаму не се членка на НАТО

Во свет во кој доминираат трговската војна меѓу САД и Кина, брегзит и постепеното опаѓање на интересот на САД за улогата на меѓународен полицаец, Шведска процени дека не е лошо да се зајакнат вооружените сили. И покрај континуираната посветеност на централнодесничарските граѓански партии, Шведска сè уште не е членка на НАТО и во принцип не може да очекува помош. А од сите земји со пристап до Балтичко Море, Шведска моментно издвојува најмал процент од БДП за одбрана. Но, со оглед на членството во Европската Унија, таа не е целосно без сојузници.

На трендовите во шведската безбедносна политика укажува и повторното воведување на задолжителната воена служба, што беше укината во 2010 година. Иако секоја година околу 95.000 18-годишни лица треба да се пријават кај воените власти, само 5.000 годишно добиваат темелна обука, што сепак е доволно за редовно да ги обновуваат вооружените сили и да ја одржат борбената готовност.

Пари ќе добијат така што на банките ќе им воведат нови даноци

На крајот на краиштата, добро организираните и управувани земји како Шведска нема да се вклучат во креирање и јавно презентирање на стратегиските планови, освен ако тие немаат јасна финансиска структура. Бидејќи финансирањето на вооружените сили на сметка на животниот стандард на граѓаните не доаѓа предвид, Владата одлучи да бара пари каде што има најмногу – во банките. Министерот за одбрана Питер Хултквист и министерката за финансии Магдалена Андерсон излегоа пред новинарите и најавија дека ќе соберат барем една четвртина од потребните пари со нов данок за банките.

– Забележувам дека четирите најголеми банки, Ханделсбанкен, Нордеја, Сведбанк и СЕБ, минатата година оствариле профит 112 милијарди круни (околу 11 милијарди евра), што е за три милијарди повеќе отколку во 2017 година, јасна беше министерката Андерсон.

(МИА ИСТРАЖУВА)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.