Болниците во Велика Британија се соочуваат со поизразена здравствена криза отколку за време на првиот бран на Ковид-19 минатата пролет, со многу повеќе пациенти кои се лекуваат од вирусот и покрај новите национални мерки за построг карантин. Од најновите податоци за новозаболени се насетуваат само најслаби проблесоци на надеж дека работите во скора иднина би можеле да се подобрат, пишува „Фајненшл тајмс“.

Минатата недела, главниот медицински експерт во Англија за борба со епидемијата, проф. д-р Крис Вити, јавно предупреди дека земјата влегува во „најопасниот“ дел од пандемијата и дека „следните неколку недели ќе бидат најлоши“ за британскиот здравствен систем. Болниците во Велика Британија се едни од најполните во Европа со пациенти заразени со Ковид-19. Властите стравуваат дека, паралелно со постојаното пополнување на капацитетите, квалитетот на здравствената нега ќе се намалува, приемната болничка тријажа ќе станува сè поселективна, што ќе предизвика сè повеќе луѓе и да умираат.

Главниот медицински советник во британската влада го објави ваквото драматично предупредување, бидејќи трендовите за здравствен третман на заболените од вирусот сега многу подобро се разбираат. Кризата започна со зголемување на стапката на инфекција кај луѓето постари од 60 години, ескалираше со многу повеќе болнички приеми што предизвика преполнување на болничките легла, проследено со поголема употреба на респиратори и, конечно, повеќе смртни случаи.

Се појави и значително заостанување во прибирањето на податоците за брзината на ширењето на заразата, бидејќи повеќето од оние кои сега умираат од Ковид-19 биле заразени пред божиќните празници: кризата во британскиот Национален здравствен систем (NHS) достигна високо ниво, со високи стапки на смртност коишто станаа неизбежни.

Еден од најзагрижувачките знаци е дека новата заразна варијанта на корона вирусот, првпат објавена од страна на здравствените власти на 14 декември минатата година, станува доминантната причина за растечката стапка на инфекции кај постарите луѓе. Низ Англија, стапките на случаи кај постарите од 60 години, за кои најверојатно ќе биде потребна хоспитализација, се зголеми за повеќе од четири пати од почетокот на декември досега. Иако последната неделна статистика покажа маргинални подобрувања, тоа сè уште е рано да се нарече тренд на подобрување, што го натера проф. Вити драматично да ги повика луѓето да избегнуваат непотребни меѓусебни контакти.

Растечката стапка на инфекција доведе до нагло зголемување и на приемот на заразените за третмани во болница. Во Англија, и дневниот број на приеми се зголеми за четири пати од почетокот на декември досега, достигнувајќи максимум на 6 јануари со 3.967 новопримени во некоја од локалните болници.

Потоа следуваше мало „ветувачко“ подобрување во статистиките, но според Оливер Џонсон, директор на Институтот за статистички науки на Универзитетот во Бристол, рано е тоа да се прогласи за позитивен тренд.

Џонсон додава дека проблемот за болниците е што сè додека отпуштањата, што вклучува смртни случаи, не ги надмине приемите на новозаболени, бројот на пациенти со коронавирус во болниците ќе продолжи да расте.

Можеби ќе треба приемот да падне на нивоата од пред десетина дена и повеќе, пред да започне да паѓа вкупниот број зафатени легла – вели проф. Џонсон.

Интензивните одделенија пребукирани

Се очекува дека во Англија, бројот на луѓе во болниците, заболени со корона вирусот, ќе се зголеми со стапка што е двојно поголема од првиот бран на заразата од почетокот на минатата година. Бидејќи состојбата на некои од хоспитализираните пациенти се влошува, побарувачката за третмани на одделенијата за интензивна нега се зголемува со стапки на зафатеност далеку над нормалното ниво, паралелно со потребата за третмани со механичка респирација. На пример, на 9 јануари годинава 2.860 луѓе во Англија биле на респиратори, блиску до тогашните 2.881 лица од пролетниот епидемиски врв на 12 април минатата година.

Некои болници, како онаа во Саутенд, почнаа да го ограничуваат кислородот што им е достапен на пациентите, за да менаџираат со ограничените залихи од кислород, објави „Би-Би-Си“. директорите на болниците велат дека „работат на проблемот“ за да се справат со тешката ситуација.

Велика Британија ни оддалеку не е осамена со сериозната здравствена состојба во Европа, но порастот на случаи со новиот вид на Ковид-19 изврши поголем притисок врз болниците во последните денови отколку во повеќето развиени држави. Зафатеноста на болничките легла во Британија е меѓу највисоките во Европа, со 50 пациенти на секои 100.000 жители во државата. Неделно, пак, стапката на нови болнички корона-приеми се искачи на 30 случаи на 100.000 жители. За споредба, меѓународните податоци покажуваат дека истата неделна стапка на прием во Данска на 100.000 жители е 17 пациенти, 11 во Франција и 9 во САД.

И покрај тоа што сликата што се добива од овие болнички податоци се чини ужасна, проф. Крис Вити предвидува дека состојбите и понатаму ќе се влошуваат, бидејќи вакцинацијата нема да даде подобрувачки ефекти барем уште неколку недели. Велика Британија, вели тој, е далеку од постигнување на „имунитет на стадо“ со почетокот на вакцинирањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.