Италијанскиот весник „Коријера дела Сера“ денеска објавува дека се очекува бројот на заразени со коронавирусот да расте од час во час. Во петок коронавирусот ја зеде првата жртва, а до понеделник наутро веќе се регистрирани четворица мртви од вирусот кој почна да се шири од Кина.

По само 48 часа од првата жртва, покраините Ломбардија и Венето се ставени во карантин, на патиштата има војска и полиција, а училиштата, кината, базените се затворени во следните седум дена.

Весникот пишува дека во болницата каде што бил хоспитализиран првиот заболен пациент, најмалку пет лекари и медицински сестри се заразени.

Не станува збор за бројот на направени тестови. Имаше ситуации во кои на време не ги препознавме симптомите. Лекарите имаа проблем при идентификација на симптомите, изјави Анџело Борели, главен на Агенцијата за цивилна заштита, пренесува „Танјуг“.

Првиот заразен во Италија, 38-годишен човек дошол во болница, но го пуштиле дома со дијагноза грип, со оглед на тоа дека никаде не патувал, па лекарите не го тестирале на коронавирус. По неколку дена состојбата се влошила, се вратил во болница и подоцна е откриен дека е заразен со коронавирус.

Вирологот од миланскиот универзитет Фабрицио Прељиаско изјави дека никој од лекарите не помислил на коронавирус, бидејќи во Италија тој не бил дотогаш забележан, освен кај двајца тирусти кои биле хоспитализирани уште во крајот на јануари, а кои дошле од Кина, но не од Вухан, каде што беше откриено жариштето на вирусот.

Едноставно, немаше причина да се сомнева во коронавирус, посебно затоа што владее грип. Италија се најде во ситуација во која беше и Кина, кога се соочи со новиот вирус. За коронавирусот се зборува цел месец, но во Италија немаше друг случај, освен тие туристи, изјави Прељиаско.

Професорот Деви Шридхар од Медицинскиот факултет во Единбург смета дека епидемијата доживеа голем пресврт во последните 48 часа бидејќи дојде до пораст на бројот на заразени надвор од седиштето на епидемијата во Кина кои не се епидемиолошки поврзни, не биле на пат, ниту пак во контакт со лицата на кои им е дијагностицирана болеста.

Последниве неколку дена се појавија и се развија жаришта во Јужна Кореја, Иран и во Италија, каде што за неколку дена се забележни 150 случаи во 12 града кои сега се во изолација.

Што се однесува до автохтоното жариште во Италија, на научниците им е тешко да се утврди текот на заразата на „првиот пациент“ од кој почна да се шири вирусот.

Тоа што се случува во Италија и во Јужна Кореја може да се случи секаде во светот, предупредува Шридхар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.