Околу 40.000 приврзаници на неформалното протестно движење, Жолти елеци, протестираа 16-та сабота по ред ширум Франција, во продолжување на протестите два дена пред крајот на „Големата дебата“ која ја покрена претседателот Емануел Макрон за да ја смири ситуацијата во земјата.

Додека во престолнината Париз пладнево започна мирен марш долг 12 колометри под силно полициско обезбедување, денешниот протест го одбележа судири во неколку други големи градови.

Вечерта министерството за внатрешни работи ја објави својата проценка дека 39.300 лица протестирале ширум Франција, од кои 4.000 во Париз. Во Лион имало 2.000 Жолти елеци, а ситуацијата била тензична во центарот на градот кога имало обид да се пробие полициската ограда на влезот во трговската зона. Полицијата ги растерала демонстрантите со солзавец.

На другите собири, исто така, имало судири, како во Дижон каде се собрале 800 луѓе. Инциденти имало и на собирите во Ница, Стразбур и Лил, а во Нант демонстрантите фрлале пластични шишиња со киселина врз полицајците кои возвратиле со солзавец. Во Бордо се собрале „неколку илјади“ демонстранти, а во Тулуз, исто така имало судир со полицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.