Стапката на смртност е десет пати поголема во земјите во кои што повеќе од половина од возрасните имаат индекс на телесна маса поголем од 25, точка во која нормалната тежина преминува во прекумерна, покажа истражувањето на Светската федерација за дебелина (World Obesity Federation). Според нивниот извештај, земјите кои имаат голем процент на дебело население, како САД, Велика Британија и Италија, имаат најголем удел во смртните случаи поврзани со коронавирусот.

Од земјите каде што повеќе од половина од популацијата е дебела, Белгија има најголема стапка на смртност, па следуваат Словенија, Велика Британија, Италија и Португалија, додека САД се на осмото место. Од друга страна, Виетнам има најмало ниво на дебело население и втора најниска стапка на смртност од ковид-19 на светот.

Бевме шокирани кога увидовме колкав е соодносот помеѓу пропорцијата на дебелото население и стапката на смртност од ковид-19 во една земја. Знаевме дека има проблем во некои земји, но откривме дека тоа се јавува низ цел свет,  изјави Тим Лобстин, автор на извештајот и поранешен советник во Светската здравствена организација.

Околу 2,2 милиона од вкупно 2,5 милиони смртни случаи од ковид-19 се во земјите кои имаат голем процент на дебели луѓе. Проблемот не е само дебелината, туку и нивото на тежина што денес се смета за нормално во повеќето земји. Севкупно, главниот фактор за смрт е возраста, но дебелината е на второто место. Од порано е познато дека таа го зголемува ризикот кај луѓето откако ќе се разболат од заразна болест како грип.

Од Федерацијата апелираат дебелите луѓе да имаа приоритет во вакцинирањето за коронавирус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.