Британскиот премиер Борис Џонсон, по итната видеоконференција на Г-7, соопшти дека организацијата на седумте најразвиени земји во светот постигнала договор за планот за тоа како да се однесува кон талибанците.

Она што го направивме денеска како Г-7 е постигнување договор, не само за заеднички пристап за решавање на евакуацијата, туку се согласивме и за план како ќе се однесуваме кон талибанците – изјави Џонсон по итниот видео самит на седумте најразвиени земји во светот.

Британскиот премиер повтори дека условот број еден за талибанците е тие да мора да гарантираат безбеден премин за секој што сака да го напушти Авганистан по 31 август.

Џонсон изрази надеж дека талибанците ќе сфатат дека Г-7 е организација која има клучно глобално „економско, дипломатско и политичко влијание“.

Она што сакаме да го порачаме е дека Авганистан не може повторно да стане жариште на терор, ниту нарко држава, а девојчињата мора да имаат право на образование до 18-годишна возраст – изјави британскиот премиер.

На прашањето дали лидерите на Г-7 извршиле притисок врз американскиот претседател Џо Бајден за неговиот пристап кон решавање на кризата и за одбивањето да го продолжи рокот за заминување на преостанатите американски војници од Авганистан по 31 август, Џонсон рече дека евакуацијата од Кабул претставува многу значаен успех за војската“.

Убедени сме дека можеме да извлечеме уште илјадници луѓе, меѓутоа, ситуацијата на аеродромот во Кабул не е ништо подобра – одговори Џонсон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.