Украинскиот претседател, во објава на Фејсбук, повторно ги повика сите меѓународни партнери, особено САД, Британија и Канада, да разменат релевантни информации и докази за авионската несреќа.

Претседателот на Украина Владимир Зеленески не ја исклучува можноста дека ракета го срушила украинскиот патнички авион, но напоменува дека таа констатација се уште не е потврдена.

Зеленски наведе дека за истрагата за авионската несреќа, во која загинаа 176 патници и членови на екипажот, подоцна во текот на денот ќе разговара со американскиот државен секретар Мајк Помпео, пренесе „Ројтерс“.

Украинскиот претседател, во објава на Фејсбук, повторно ги повика сите меѓународни партнери, особено САД, Британија и Канада, да разменат релевантни информации и докази за авионската несреќа, наведува „АП“.

Додаде дека тие податоци треба да ѝ се предадат на комисијата која ги истражува причините за несреќата.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера изјави дека доказите укажуваат оти иранска ракета во вторникот навечер го срушила украинскиот авион и дека тој напад „можеби бил ненамерен“.

Според зборовите на Трудо, канадската и сојузничката разузнавачка служба се согласуваат со овие наводи.

Во авионот се наоѓаа најмалку 63 канадски патници, пренесува „АП“.

Американски официјални лица претходно наведоа дека „многу е веројатно“ иранска противавионска ракета да го срушила авионот, усмртувајќи ги сите 176 патници и членови на екипажот. И тие претпоставија дека нападот најверојатно бил по грешка.

Авионот е срушен само неколку часа откако Иран изведе балистички ракетен напад врз воени бази во Ирак во кои се сместени американски трупи, во средина на судирот со Вашингтон поради нападот со дрон во кој беше убиен иранскиот генерал на Револуционерната гарда Касем Сулејмани.

Иран ги повика САД да ги почекаат резултатите од истрагата за падот на украинскиот патнички авион во Техеран и ги отфрли, како големи лаги, обвинувањата на американските официјални лица дека авионот го собориле ирански проектили, изјави портпарол на иранската влада.

Никој нема да преземе одговорност за толку голема лага, еднаш кога ќе се докаже дека тоа тврдење е измама, порача портпаролот на владата Али Рабиеи во соопштение кое го пренесе државната телевизија.

Како што наведува Си-Ен-Ен, Рабиеи рекол дека според меѓународните правила, учество во истрагата за падот на авионот може да земат Иран, како држава во која се случила несреќата, авиокомпанијата и државата која е соптвеник на авионот, односно Украина, како и земјата во која е направен моторот на авионот, Франција.

Зеленски вчера за истрагата разговараше со иранскиот колега Хасан Рохани, кој истакна дека Иран ќе ѝ овозможи на украинската експертска група пристап до сите неопходни податоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.