Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети „силен одговор“ по обидот за атентат врз неговиот советник.

Тоа е напад за кој смета дека е насочен против реформските напори на Украина.

Одговорот ќе биде силен, изјави Зеленски во видео запис испратен од Њујорк, каде што присуствува на Генералното собрание на ОН.

Украинскиот претседател нагласи дека не знае кој ги наредил истрелите против неговиот прв советник Серхиј Шефир.

Зеленски изјави дека пукањето во автомобилот на неговиот пријател, како „поздрав“ кон него, е знак на слабост, но дека одговорот ќе биде силен. Тој вети дека ќе ја продолжи борбата против криминалот и влијателните финансиски групи, уверувајќи дека она што се случило нема да влијае врз силата на неговиот тим.

Еден украински локален телевизиски канал објави дека на автомобилот на Шефир од страната на возачот може да се видат најмалку 19 дупки од куршуми.

Според украинскиот претседател, нападот можеби бил организиран од внатрешни или надворешни сили.

Александар Корниенко, лидер на политичката партија „Слуга на народот“ на Зеленски, изјави дека не треба да се исклучи ниту вмешаноста на Русија во нападот.

Руската вмешаност не треба целосно да се исклучи. Ние ја знаеме нивната способност да организираат терористички напади во различни држави – изјави Корниенко пред новинарите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека наводите за вмешаност на Русија се далеку од вистината.

Тие немаат никаква врска со реалноста – рече Песков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.