Главниот преговарач на ЕУ за брегзит, Мишел Барние, утрово го презентираше европскиот мандат за преговорите за идното партнерство помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство. Лондон ќе треба да одлучи дали ја напушта ЕУ со договор и дали ќе продолжи да ги почитува стандардите на Унијата.

Нашата цел е да склучиме амбициозно партнерство. Остануваме луцидни, најамбициозното партнерство го имавме, да не заборавиме дека најдоброто партнерство е и ќе остане членството, кога не сте член, објективно ќе имате помалку поволна ситуација- изјави Барние.

До 31 декември годинава, Обединетото Кралство продолжува да ги следи сите правила и стандарди на ЕУ и останува членка на внатрешниот пазар и царинската унија. Потоа има до јули да побара евентуално продолжување на оваа транзициска фаза од максимум две години.

Втората фаза на овие преговори помеѓу Брисел и Лондон има за цел да утврди дали Британците ќе продолжат да ги почитуваат европските правила и до која мерка.

Европската Унија со мандат кој го предлага денес Барние наметнува и низа услови.

Преговорите за идното партнерство ќе се водат врз три столба: економското партнерство, безбедносното партнерство и институционалната рамка.

Европската Унија му нуди на Обединетото Кралство “амбициозен трговски договор“ со нула царини и нула квоти врз добрата, “амбициозен“ договор за услугите и пристап до пазарот на јавни набавки, рече Барние, “и покрај тоа што знаеме дека ќе имаме силна конкуренција од Обединетото Кралство“.

Но, ЕУ поставува најмалку три услови за оваа спогодба: конкуренцијата мора да остане отворена без нелојални предности, што значи дека треба да се воведе механизам со кој ќе се обезбеди почитувањето на стандардите на ЕУ во секоја област – здравство, животна средина, социјални права, економија, итн.

Вториот услов е оваа трговска спогодба да вклучува договор за рибарството, една од најчувствителни точки помеѓу двете страни. ЕУ бара взаемен пристап до пазарите и стабилна пропорција на квоти.

Конечно, ЕУ предупредува дека Обединетото Кралство ќе мора да ги почитува правилата на потекло и царинските формалности на ЕУ и да бара сертификати и пазарни авторизации.

Овие се автоматските, механичките последици на изборот на Обединетото Кралство, бизнисите мораат сега да се прилагодат на оваа нова реалност – изјави Барние и додаде дека останува на Британците да одлучат дали сакаат да се приближат или да се оддалечат од стандардите на ЕУ.

Одговорот на Обединетото Кралство на ова прашање ќе биде суштински за нивото на амбициозност на нашето идно партнерство, порача главниот европски преговарач.

Во делот на безбедноста, Мишел Барние потсети дека двете страни имаат заеднички цели: борба против тероризмот, против организираниот криминал и против трети страни кои ја загрозуваат демократија во Европа.

ЕУ се надева дека ќе може да се постигне договор за размена на информации и податоци и да се соработува непречено со судските и полициските власти, но повторно поставува три услови: Обединетото Кралство ќе мора да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права, да воведе соодветни стандарди за заштита на податоците и да прифати механизам за решавање на спорови. Во овој поглед, иако Британците по Брегзит одбиваат да го почитуваат законодавство на Европскиот суд за правда, овој суд ќе мора да продолжи да работи непречено, предупреди Барние.

Овој преговарачки мандат ќе биде презентиран пред европратениците во среда, а потоа на земјите членки. Откако ќе биде одобрен ќе можат веднаш да започнат преговорите, кон крајот на овој месец

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.