Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Алијансата не е заинтересирана за политичко и дипломатско решение во Украина.

Заедничката изјава, што вчера беше усвоена на состанокот на шефовите на дипломатиите на НАТО во Букурешт, според неа укажува дека Алијансата не сака мирно решение во Украина.

-Формулацијата на оваа изјава укажува дека НАТО е апсолутно незаинтересиран за политичко и дипломатско решение во Украина, рече Захарова, пренесува ТАСС.

Таа оцени дека НАТО продолжува да ја спроведува политиката формирана веднаш по државниот удар во Украина во февруари 2014 година, која вклучува „давање бланко поддршка на режимот во Киев и, соодветно, демонизирање на Русија со цел да се оправда самото постоење на Североатлантска алијанса“.

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО претходно на самитот во Букурешт изјавија дека ќе ја зголемат помошта за Украина, не само со воена опрема, туку и во реконструкција на критичната инфраструктура и зголемена заштита од ракетни напади.

Во нивното заедничко соопштение се наведува дека Русија сноси целосна одговорност за војната, кршењето на меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.