Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, порача дека официјална Москва би можела да и врати на цела Европска Унија поради протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија.

Политизираната одлука на Софија за неоправдано намалување на нашиот дипломатски персонал во Бугарија сигурно нема да помине без билатерален одговор – порача Захарова.

Таа ги повика Софија и ЕУ „да размислат за принципот на реципроцитет што е основа на дипломатските односи“.

Европската дипломатија треба да разбере дека непромислената поддршка на антируските акции од различни земји-членки ја принудува ЕУ да преземе одговорност за последиците, вклучително и кога станува збор за одмазднички мерки од наша страна – наведе Захарова.

Седумдесет вработени во руските дипломатските претставништва пред два дена ја напуштија Бугарија поради обвинувања за шпионажа. Со нив заминаа и нивните семејства, а вкупниот број луѓе кои ја напуштија земјата изнесува околу 200. Тоа е досега најголем број протерани дипломати од Бугарија, членка на ЕУ и на НАТО, но традиционално блиска до Русија.

ЕУ го изрази своето жалење за „неоправданата закана на Русија да ги прекине дипломатските врски со Бугарија“.

Голем број европски земји протераа руски дипломати по почетокот на руската воена операција во Украина на 24 февруари, а Москва возврати со слични мерки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.