Строгите карантински мерки во Австрија донесоа околу 30.000 компании на раб на егзистенцијата, само трговијата претрпе загуби од десет милијарди евра од прометот, додека во гастрономијата и туризмот постои закана за банкрот. Согласно мерките, продавниците низ Австрија минатата и оваа година беа затворени повеќе од 100 дена.

Најтешко поминаа продавниците за облека и обувки, кои не можат да ги надоместат загубите. Трите трговски ланци на „Пимки“, „Дресмен“ и „Адлер“ веќе ги затворија своите филијали.

Продавниците за спортска опрема, од кои околу 750 специјално се однесуваат на туристичкиот бизнис, од ноември досега имаат недостиг на приход од 90 до 95 проценти. Поради епидемиолошки мерки, хотелската индустрија во Австрија губи 255 милиони евра неделно, па сега и на хотелите кои добро работеле им е потребна и државна помош.

Фитнес центрите, кои остануваат затворени, досега загубија најмалку 30 проценти од своите редовни клиенти. Здружението за заштита на доверители проценува дека само благодарение на државната помош, не дошло до банкрот во многу дејности. Сепак, експертите сметаат дека ќе следи пораст на стечајот за 20 до 25 проценти, во споредба со 2019 година.

Националната банка на Австрија претпоставува дека и покрај државната помош, околу 30.000 компании ќе отидат во стечај до крајот на следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.