Ширењето на птичјиот грип во САД и Франција значително ја намали глобалната понуда на јајца, што најавува проблеми во мелничко-прехранбената индустрија пред Велигден и се надоврзува на поскапувањето на енергијата и недостигот на работна сила.

Повисоките цени на јајцата се особено болни за потрошувачите кои ги гледаат како евтин извор на протеини и замена за скапото месо. Побарувачката традиционално нагло расте околу Велигден и Пасха во САД и Европа, кога се бојадисуваат јајца и се подготвуваат колачи.

Поради птичјиот грип беа убиени повеќе од 19 милиони птици на живинарските фарми во САД оваа година и елиминираше околу шест отсто од одгледуваната живина во најтешката појава на зараза од 2015 година, пишува „Ројтерс“, цитирајќи податоци од федералните и државните влади.

САД го зголемиле увозот на јајца од неколку земји, вклучително и Франција, Италија и Шпанија, за да го подобрат снабдувањето, иако увозот сега е помалку исплатлива опција поради епидемијата во Европа, велат аналитичарите.

Од друга страна, Франција ја бележи најтешката епидемија на птичји грип во историјата, со околу осум отсто угинати кокошки-несилки.

Во Франција, цените на јајцата на големо се зголемија за 69 отсто во однос на минатата година, соопшти канцеларијата на фармата на „FranceAgriMer“. Тоа ќе значи повисоки цени за потрошувачите на прехранбени производи кои содржат јајца.

Смртоносниот вирус и војната се најновите предизвици за добавувачите на јајца кои досега се бореа со недостиг на работна сила и високите трошоци за енергија и жито.

Повисоките цени на јајцата ја намалуваат заработката на мелничарската и прехранбената индустрија, со што се зголемуваат трошоците за брашното и другите суровини.

Според производителите, цените на јајцата се очекува да останат високи, бидејќи ќе бидат потребни месеци да се обнови производството на заразените фарми.

Инфекцијата ја отежнува работата во погоните каде што јајцата се обработуваат и се користат во прехранбени производи како што се мешавини за колачи и палачинки и во сендвичи со јајца.

Снабдувањето на Блискиот Исток е тешко погодено и од војната во Украина. Сантос Кумар, кој увезува јајца за „Фарзан трејдинг“ во Обединетите Арапски Емирати, вели дека пратките од Украина не пристигнале во последните две недели.

Тој вели дека наместо тоа, „Фарзан“ увезува јајца од Турција.

Според податоците на Украинската државна статистичка служба, Украина произвела 14,1 милијарди јајца во 2021 година. Во 2020 година таа бројка била 16,2 милијарди, што е повеќе од Франција, најголемиот производител на јајца во ЕУ, која произвела 15,7 милијарди.

Во последниве години, Украина беше главен снабдувач на јајца во ЕУ, пред САД, и имаше половина удел во вкупниот европски увоз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.