Европскиот суд за човекови права донесе одлука дека задолжителната вакцинација е легална и дека можеби ќе биде неопходна во демократските општества.

Пресудата доаѓа по заклучокот од некои жалби, упатени од фамилии во Чешка до судот, поради задолжителната вакцинација на децата.

Мерките би можеле да се сметаат неопходни во демократското општество – наведоа од Судот.

Иако пресудата не се однесува директно на вакцините против Ковид-19, експертите веруваат дека тоа може да има импликации на кампањата на вакцинација против корона вирусот, особено меѓу оние кои досега одбиваа да ја примат вакцината.

Оваа пресуда ја засилува можноста за задолжителна вакцинација под условите на моменталната пандемија – вели Николас Хервиу, правен експерт специјализиран за Европскиот суд за човекови права.

Што е пресудено?

Во одлуката се вели дека задолжителните вакцини кои ги пропишале чешките здравствени власти се во „најдобар интерес“ за децата, пренесува „Дојче веле“.

Целта мора да биде за секое дете да биде заштитено од сериозна болест, преку вакцинација или имунитет на стадото – се додава во судското соопштение.

Судот одлучи дека здравствената политика на Чешка не го прекршила членот 8 за правото на почитување на приватноста во рамки на Европската конвенција за човекови права.

Според законот во Чешка, децата мораат да бидат вакцинирани против девет болести.

Случајот на суд го изнесоа фамилии кои биле парично казнети или на чии деца им бил одбиен пристапот во градинка заради тоа што не ги вакцинирале децата.

Преседан

Пресудата на Европскиот суд за човекови права создава преседан според кој задолжителната вакцинација не е во спротивност со Европската конвенција за човекови права. Тоа не значи дека европските земји ќе ги натераат граѓаните да се вакцинираат, но во случај тоа да го направат, таа одлука во очите на судот веројатно ќе биде легална.

Ова може да се однесува и на Србија, каде што властите размислуваа за задолжителна вакцинација за здравствените работници, откако дел од нив одбиваа да се вакцинираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.