Најстариот белоруски весник „Наша нива“ е забранет на 115-годишнината од објавувањето, нешто што се оценува како најнов потег на белоруските власти да ги потиснат независните медиуми.

Окружниот суд во Минск го забрани весникот „Наша нива“ како екстремистички и постапи по барање на Министерството за информации.

Според таа одлука, секој што ќе објави или пренесе содржина на весникот може да добие затворска казна до седум години.

Белоруските власти го блокираа онлајн изданието на весникот во јули и ги уапсија главниот уредник, Јахор Мачинович и новинарот Андреј Скурко, кои сè уште се во притвор.

Вкупно 29 белоруски новинари се во притвор каде што или издржуваат казна или чекаат судење.

Повеќето од другите новинари на весникот ја напуштија земјата и продолжуваат да објавуваат онлајн, менувајќи ги домените за да избегнат блокирање.

Властите продолжуваат да ги уништуваат белоруските независни медиуми, нарекувајќи ги сите екстремисти. Ситуацијата во Белорусија е полоша отколку во Куба или Иран и се приближува до стандардите на Северна Кореја – изјави Андреј Бастунец, шеф на белоруското здружение на новинари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.