На протестите во САД за една недела се уапсени повеќе од 5.600 луѓе поради кражби, блокирање патишта и кршење на полицискиот час.

Протестите, кои почнаа поради насилната смрт на Афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицаец, продолжија и покрај воведениот полициски час во 40 градови.

Припадници на Националната гарда се распоредени во 23 држави и во главниот град Вашингтон.

Во некои градови протестите беа мирни, но имаше и инциденти. Во Оукланд, Калифорнија, мирни демонстранти беа приведени и уапсени затоа што биле на улиците по почетокот на полицискиот час, јави Си-Ен-Ен.

Повеќето од протестите во Њујорк беа мирни маршеви, но во текот на ноќните часови имало сè повеќе случаи на уништување имот и грабежи.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио потврди дека за време на протестот е уапсена и неговата ќерка Кјара (25).

Полицијата во Сиетл соопшти дека демонстрантите фрлале камења, шишиња и огномет кон полицијата.

Во пукање во Сент Луис се погодени четворица полицајци кои се надвор од животна опасност, јави Би-Би-Си.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.