Во Италија досега со двете дози на вакцина се вакцинирани 60 проценти од граѓаните над 12 годишна возраст, а планот на власта е да постигне 80 проценти покривање со вакцинација до крајот на септември.

Вкупно 32,4 милиони италијански граѓани ги примиле двете дози на вакцината. До крајот на септември, Италија има намера целосно да вакцинира 80 проценти од своите граѓани, со што би се постигнал имунитет на стадо – објави специјалниот комесар на земјата за пандемијата, Франческо Филиуоло.

Во исто време, во текот на викендот, илјадници италијански граѓани повторно протестираа против антипандемиските мерки што треба да стапат наскоро во сила поради зголемениот број случаи на инфекција.

Според претстојните мерки, од 6 август, сите оние што сакаат да влезат во ресторани или музеи ќе треба да достават потврда за барем една примена доза вакцина, доказ дека прележале ковид или дека се негативни на тестирањето.

Десничарите во италијанскиот парламент жестоко се спротивставија на овие мерки, а експертите го повикуваат населението да ги почитува сите хигиенски мерки, како и вакцинациите.

Исто така, е објавена можноста за воведување на задолжителна вакцинација за наставниците, што исто така предизвика бурни реакции. Според локалните медиуми, владата ќе одлучи за тоа следната недела. Според италијанското Министерство за здравство, околу 15 проценти од наставниците се уште не се вакцинирани.

Седумдневната инциденца на инфекција во Италија неодамна се искачи на 58 случаи на сто илјади жители. Јавните здравствени служби во петокот објавија дека од крајот на јуни, повеќе случаи на инфекција се пријавени кај мажи, на возраст од 10 до 39 години, отколку кај жени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.