Претставниците на двата дома на Парламентот на американската сојузна држава Вирџинија гласаа за легализација на рекреативната консумација на марихуана од 2024 година, кога ќе почне и слободна продажба.

За да стане валиден, предлог-законот треба да биде потпишан од гувернерот Ралф Нортем, кој е демократ. Со ваквата одлука, Вирџинија станува првата јужна држава што ја легализира марихуаната во САД. Канабисот досега е легализиран во 15 сојузни држави и федералниот округ Колумбија.

Предлог-законот беше еден од приоритетите на демократите, првенствено за да се спречи кривично гонење на припадниците на малцинските заедници за поседување марихуана, но компромисот со републиканците не беше лесен, потенцираат американските меидуми.

Лидерката на мнозинството во државниот парламент Шарнил Херинг изјави дека нацрт-законот не е совршен, но е фер.

Ова ќе го спречи пречестото апсење и осудување на Афроамериканците кои не користат марихуана повеќе од белците, но почесто се кривично гонети за тоа – изјави Херинг.

Неодамнешна студија покажа дека во периодот 2010-2019 година афроамериканците биле апсени 3,5 пати повеќе од белците за поседување марихуана.

Критичарите велат дека законот може да ја зголеми употребата на марихуана кај младите.

Републиканците сметаат дека за такво клучно прашање не треба да се решава набрзина.

Мислам дека има само неколку членови на собранието кои навистина разбираат што опфаќа овој закон – изјави лидерот на републиканското малцинство Томи Нормент.

Според овој закон, од 1 јануари 2024 година ќе се легализира поседувањето на 28,3 грама марихуана, а од тој ден почнува и продажбата низ цела Вирџинија.

Минатата година Парламентот на Вирџинија донесе одлука за декриминализација на поседувањето марихуана, односно казнување на оние што се фатени, со максимум 25 долари.

Новиот закон, исто така, планира да пренасочи 30 проценти од данокот од продажба на марихуана во фонд што ќе им помогне на припадниците на малцинските заедници чии членови се уапсени или гонети за марихуана.

Некои демократи се надеваат дека гувернерот Нортам би можел да побара легализацијата да почне порано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.